Заев во Пробиштип: „Булмак 2016“ е успешна економска приказна
„Рудникот ‘Злетово’ кој е од суштинско значење за градот Пробиштип и околината, е место каде што се вработени 454 инженери и рудари, нешто што му даде сила и елан на овој град да оди во прогрес“, изјави тој денес при посетата на компанијата.
„Од она кое успеав да го видам, како хронологија, можам само со пофални зборови да оценам дека компанијата ‘Булмак 2016’ навистина работи и функционира во континуитет. Дополнително, дури и во време на криза и пандемија со Ковид-19, тие се вброени во најуспешните 30 македонски компании, кои во моментов во двата рудника – ‘Злетово’ и ‘Тораница’ вработуваат околу 800 луѓе“, рече Заев додавајќи дека „Булмак 2016“ е меѓу ретките компании кои во услови на Ковид пандемија го зголеми бројот на вработени, го зголеми производството, но она што е уште поважно е дека не само што го задржа нивото на плати туку и ги зголеми платите на вработените во однос на претходната 2019.
Премиерот Заев напомена дека политиката треба да прави услови за развој на економската соработка, особено со нашите први соседи со кои имаме потенцијал истата да ја зголемиме и интензивираме.
„Тоа е и нашата Владина цел, градиме мостови на пријателство кои водат кон просперитет. „Булмак 2016“ е пример за заедничка инвестициска соработка кој треба да се следи. Соседна Бугарија е меѓу десетте наши најголеми трговски партнери, како што се и соседна Грција и Србија. Република Бугарија е наш шести најголем трговски партнер и имаме вкупна трговска размена во 2020 година во износ од 581 милиони евра. Истата има потенцијал да ја зголемиме доколку работиме на унапредување на економските интереси на двете земји“, изјави Заев.
Претседателот на Бордот на директори на компанијата „Минстрој“ Николај В’лканов од Република Бугарија истакна дека со вложување на преку 20 милиони евра за модернизација и унапредување на условите во двата рудници за олово и цинк, се овозможи производство на преку 2500 тони концентрат месечно.
„Исклучително сум горд што сум тука со премиерот Заев, пред точно пет години во март 2016 започнавме да го воспоставуваме рударството во ‘Злетово’ и ‘Тораница’., рече тој“.
В’лканов истакна дека за пет години постигнавле многу, се овозможи производство на преку 2.500 тони концентрат месечно.