Заев во обиколка на експресниот пат Штип-Кочани


Патот Штип – Кочани е главна транспортна аретерија на истокот и значајна придобивка за граѓаните од целиот овој регион, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој заедно со генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски Сугарески и директорот на јавните државни патишта, Китанов беше во обиколка на експресниот пат во изградба Штип – Кочани.

„Патот е почнат и влезен во изградба во април 2017 после решавање на сите претходни прашања како што е дислокација на далноводи, експропријација, геомеханики и слични работи. Поврзувањето на нашите граѓани и развој на постоечките и нови бизнис интеракции помеѓу компаниите преку изградба на квалитетни патишта се врвен приоритет високо поставен на политичката агенда на СДСМ“, рече Заев.

Додаде дека на овој начин патувањето од Скопје до истокот на земјата се скратува за 30 минути. Оваа делница ќе претставува главна транспортна артерија на истокот низ која безбедно ќе циркулираат луѓе и транспорт на стоки и услуги. Граѓаните од целиот источен регион, Штип, Свети Николе, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Пробиштип, Злетово директно ќе почувствуваат придобивки од изградбата на овој експресен пат, рече Заев.

„Воедно овој патен правец преку поврзувањето со автопатот Миладиновци-Штип е дел од Коридорот 8 и претставува безбедна и брза патна врска со соседна Република Бугарија. Капиталните проекти забрзано се реализираат на територијата на целата земја и во овие вонредни услови предизвикани од пандемијата со целосно почитување на сите безбедносни протоколи за заштита. Тоа е важно за да може брзо да ја покренеме новата македонска развојна економија“, нагласи Заев.