Заев: УКИМ е достоен продолжувач на визијата и делото на светите браќа Кирил и Методиј


Фото: Б. Грданоски
Премиерот Зоран Заев упати писмо со честитки по повод празникот 24 Мај – Ден сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј до ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кој е воедно и патронен празник на нашиот прв државен Универзитет.

 

– Историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија, кој изминатите 72 години како првиот државен универзитет во нашата земја ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност, нагласи премиерот во честитката.

Тој нагласи дека УКИМ како достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј досега има создадено околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.

-Делото со кое нè задолжија светите браќа Кирил и Методиј како основачи на првото словенско писмо и оставија драгоцено цивилизациско богатство за македонскиот народ, како и за сите словенски народи, нé поттикнува да размислуваме и  дејствуваме, без предрасуди, да ги негуваме нашите вредности и да ги почитуваме другите, истакна премиерот.

Во честитката тој наведува дека УКИМ исполнувајќи ја својата дејност како автономен вруток на знаењето, науката и образованието обезбедува наставна, научна и апликативна дејност во природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки и во уметностите.

-Воедно овој наш престижен Универзитет останува посветен на негувањето и чувањето, но и на меѓународната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ и македонскиот јазик, на нашата историја, литература и култура, како и на културните вредности на сите други етнички заедници во Северна Македонија, вели Заев.

Потсетува дека годинава Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, темелникот околу кој се издигна УКИМ, одбележува значаен јубилеј, 100-годишнината од раѓање на неговиот патрон, на великанот на македонската култура како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик.

-Токму во чест на Џинот од Небрегово, чие дело е светски признато ова одбележување, е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО, напиша премиерот.

 

Нагласи дека врвен приоритет за Владата е зголемувањето на инвестициите во високото образование. Во согласност со добрите европски практики да бидат унапредени условите за работа и студирање, како и достапноста, особено за лицата со попреченост  на системот, обезбедувајќи квалитет и ефикасност.

-Оваа Влада успеа да постигне Колективен договор за високо образование и наука со кој прв пат по 30 години се уредува системот на плати во високото образование и се спречуваат неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Јас како премиер и оваа Влада, Ве уверувам дека остануваме посветени на активната поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј! Нека е честит патрониот празник на УКИМ!“, напиша Заев во честитката. 

Премиерот упати честитка и до МПЦ во која стои дека дека денес го одбележуваме епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј, благодарение на кое македонскиот народ, но и останатите словенски народи самоуверено зачекорија на светската цивилизациска сцена. Додава дека ова е исклучително значаен цивилизациски процес во чиј темел е создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски ќе ја создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.

-Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени, а во тој дух на отвореност денес оддаваме почит на нивното дело заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивното дело и наследство и ја слават со достоинство и чест,  напиша Заев.

Тој додаде дека за извонредното значење на мисијата на Светите браќа говори фактот дека денес тие се патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е – единствени во различноста.

 

-Водени од космополитските начела на Светите браќа и нивните ученици, кои спроведоа широка културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои особено е значајна нашата Светиклиментова охридска школа, да покажеме визионерство и преку употребата на алатките кои современата технологија ни ги нуди да се справиме со образовните предизвици на нашето време. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј!“, напиша Заев во честитката.