Заев со претставници на оштетени граѓани од „Еуростандард банка“


Премиерот Зоран Заев, придружуван од Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата за економски прашања, денеска се сретна со претставници на Иницијативниот одбор за формирање здружение на оштетени граѓани од „Еуростандард банка“.На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, се споделени некои од проблемите со коишто се соочуваат оштетените граѓани, физички и правни лица, по пропаѓањето на „Еуростандард банка“ и се слушнати предлозите од Иницијативниот одбор, за можни решенија.

Премиерот Заев најави дека предлозите ќе бидат разгледани од страна на институциите и дека претставниците на Иницијативниот одбор ќе добијат повратна информација.

На состанокот, како што е наведено во соопштението, е поздравена отвореноста на премиерот Заев и на Владата за средба, со цел разгледување на проблемот и можните решенија. 

За средбата реагираа од ВМРО-ДПМНЕ порачувајќи дека Еуростандард Банка е 200 милиони евра тежок скандал, а Заев не спречил нејзино пропаѓање и затоа сега не може да биде дел од решението.

-Јавноста очекува одговори која е таа струмичка компанија блиска до власта која добивала кредити без покритие од банката? Како се користени тие пари? Каде завршувале и зошто нема одговорност за министерката на Заев Нина Ангеловска која пред време си ги извлекла парите? Потребна е кривична одговорност за  министрите и раководителите на институции директно одговорни за аферата? Потребна е одговорност што стотици луѓе остануваат без работа и над 100 илјади луѓе со блокирани сметки, реагираат од опозицијата.