Заев: Со конкретни мерки се грижиме за лозарите


Премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил напиша дека со конкретни мерки се грижат за лозарите, посочувајќи дека ќе одвојат дополнителни четири денари за килограм предадено грозје наменето за преработка од средства обезбедени од Програмата на Владата за справување со последиците од кризата со Ковид-19.

– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа ги извести нашите лозари дека на владиниот Економски совет договоривме дополнителна мерка за интервентен откуп на грозје, кое ќе биде преработено во вински дестилат и гроздов сок, напиша Заев.

Додава дека остануваат да важат и претходно договорените два денара за вранецот и смедеревката, кои, како што посочува, ќе бидат исплатени од Програмата за директни плаќања и два денари субвенција за откупено грозје, средства кои ќе бидат исплатени до крајот на оваа година преку Програмата за справување со кризата од Ковид-19.

– Посветени сме на тоа да реагираме веднаш и да преземаме чекори и мерки во интерес на лозарите, за да градиме партнерски однос и да креираме политики коишто ќе го унапредуваат земјоделието и стандардот на земјоделците, пишува Заев на ФБ.