Заев: Подмладен, значи подобар СДСМ


Подмладен значи подобар СДСМ, порача вечерва лидерот на партијата Зоран Заев на прес конференција по конгресот на кој што се избра ново раководство на партијата и нов Централен одбор, освежен со дури две третини нови членови.

-Темелот на новата политика, динамиката на постојните подобрувања, промените и новата енергија се обезбедени. Денес СДСМ покажа силно, одлучно, вредно социјал- демократско единство, како и одговорност и државничко однесување, рече Заев. Новата политика, додаде тој значи нови кадровски освежувања, спој меѓу искуството и новата енергија. Тимот што победува не се менува туку самиот го надградува победничкиот менталитет. Таква особина имаат државотворните партии, рече Заев.

За претседатвач на Централниот одбор, извести тој, е избран Перо Костадинов ,градоначалникот на Валандово, а за членови, покрај другите, избрани се Ана Данева Маркова, Стефан Богоев, Нина Фити, Коста Костадинов, Петре Шилегов, Софија Пејкова, Мухамед Зекири, Дарко Каевски, Васко Ковачевски, Тања Томиќ, Благој Бовчарски, Андријана Будимир,  Рената Јајовска, Јована Тренчевска…За генерален секретар повторно е избран Љупчо Николовски. За потпретседатели се избрани Фатмир Битиќи, Мила Царовска, Оливер Спасовски и Венко Филипче, додека Сања Лукаревска ќе биде заменик претседател на СДСМ, чиј избор најмногу го образложуваше лидерот Заев порачувајќи дека со оваа одлука праќаат порака дека им даваат шанса на младите.

-Со нејзиниот избор испраќаме силна порака дека СДСМ е партија која гради човечки капацитети, родова еднаквост, партија која ги препознава и вреднува и младоста и квалитетот , рече Заев, додавајќи сепак дека добила голема поддршка како заслужна за воведувањето фискална дисциплина во земјата. 

-Добивме нова свежина, но полет, кои заедно со искуството ќе придонесат за подобро функционирање на државата, рече Заев. Почнуваме ново четиригодишно поглавје со зацртани нови цели, рече Заев, споменувајќи вакцинацијата, ред и  неселективна правда, развој на економијата и слично, најавувајќи наедно изградба на  260 километри автопатишта и реконструкција на 1.500 километри од постојната инфраструктура.