Заев: Нема предвремени избори, ќе сторам се за деблокирање на Собранието
Предвремени парламентарни избори ќе нема, а следните ќе се одржат во 2024 година, вели премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
-Тесното мнозинство ја држи Владата будна. Сметам дека време е да одработиме до крај, така што следните парламентарни избори би биле во 2024 година, одговори Заев во интервју во дневникот на Јавниот сервис запрашан дали со локалните се можни и предвремени парламентарни избори.
Изборите, истакна, влијаат врз економијата и треба да се остави Владата да го одработи целиот четиригодишен мандат.
-После сериозни процеси, како што беа уставните измени, новата методологија на ЕУ, ние излеговме на избори за да провериме дали имаме поддршка од граѓаните, дали одиме по добар пат. Граѓаните одлучија дека сме на добар пат и тоа е доволно, имаме мандат четири години. Северна Македонија пати од предвремени избори. Еднаш треба да одработиме цел мандат за да ги видиме резултатите од Влада со мандат од четири години. Предвремени избори имаат влијание врз економијата, тоа значи заостанување. А, сите тие договори од Преспа, со Бугарија се за економија, за работни места и избор, повисок БДП, Европа да ја донесеме дома, потенцираше Заев.
Тој оцени дека блокирањето на Собранието не е добро служење на народот и истакна дека ќе стори се за договор со опозицијата.
-Ќе сторам се во рамки на дозволеното за да постигнам договор со опозицијата и од македонскиот и од албанскиот блок за одблокирање на Собранието. Не очекуваме дека опозицијата ќе го поддржи секое законско решение предложено од владата, но блокирањето не е добро служење на народот…Јас сум прагматичен политичар, постигнувам договори. Постигнав сериозни договори за интересот на државата, ако има дијалог и решение тоа е добро за државата. Веќе имаме решение за Законот за државјанствата. Опозицијата побара одлагање на пописот, а ние во името на тоа сите да учествуваме на пописот, прифативме. Опозицијата побара и отисок од прст за локалните избори – иако не е лесно да се најдат 12 милиони евра во криза, сепак прифативме. Единствено што побаравме за возврат е одблокирање на Собранието. Во моментов има 25 или 26 закони кои се заглавени во Собранието, рече Заев.
Тој додаде дека е нормално да се критикуваат владините политики, но вели, Владата мора да работи.
-Што и да направите, нормално е дека ќе има критики. Најлесно е да кажеме дека ако некој крева глас против, ние ќе ги стопираме реформите, но Владата мора да се движи напред и да го следи чекорот со светот, истакна Заев.