Заев на Конгресот: Ги добивме сите битки изминатите четири години


Владеачката СДСМ започна со 26. Конгрес, каде треба да одбере раководен тим на партијата. Конгресот го отвори претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој оцени во говорот дека партијата носи државнички успеси, откако во претходниот мандат на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ земјата била опустошена, изолирана, а граѓаните осиромашени.Се пофали дека ги покачиле платите, пензиите, социјалната помош, обезбедиле поврат на дел од ДДВ, ја укинале радиодифузната такса и изградиле преку 500 километри патишта. Конгресот се одржува онлајн поради пандемијата. 

Според Заев, СДСМ пред граѓаните излегле со чесна понуда и со концепт за враќање на нивните пари, а тие тоа го препознале. Тој оцени дека Македонија тргнала напред, но за него немало мирно море. 

„Ние од доаѓањето на власт се боревме на два фронта истовремено: на надворешен план, мораше да се решаваат наследени децениски проблеми, прашања за кои никој не собрал храброст да ги решава речиси 30 години, и на внатрешен план, од првиот ден кога почнавме да ја водиме Владата, ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата, со истата режимска матрица која прави се` за да ги спречува реформите “ истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев во неговото обраќање на отворањето на 26. конгрес на партијата.

Тој додаде дека СДСМ решавала и решава прашања за кои популизмот носи брзи политички поени, но истовремено и ќор сокак за идните генерации.

„Преку храброст, визија и одлучност го решивме спорот со Грција и денес нашиот сосед е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници. Ја обезбедивме сигурната иднина на државата и народот, и го потврдивме македонскиот идентитет заедно со македонскиот јазик“, потенцираше Заев.

Лидерот на СДСМ додаде дека СДСМ води три битки од самото доаѓање на власт – борба против режимот и неговите остатоци, борба за подобар живот и за европски стандарди дома, како и борба за безбедна и сигурна иднина во НАТО и ЕУ.

„Со многу трпение и прецизно планирање, со мудри одлуки, со посветеност и над се’ со борбеност, ги добивме сите битки во изминатите четири години“, истакна Заев.

„Нашиот белег како партија беше и сè уште е – никогаш да не калкулираме со политичкиот рејтинг кога станува збор за националните прашања. СДСМ се вложи во целост и го поведе народот кон решавање на повеќедецениските прашања кои ја загрозуваа иднината на земјата“, истакна  лидерот на СДСМ.

Според него, преку Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, државата ја потврдила искрената добрососедска намера кон сите соседи.

„ Република Северна Македонија ниту ќе провоцира, ниту ќе коленичи. Ние не сме проблем, ние решаваме проблеми“, порача Заев.

Според него, сега следува обновување на досегашната кадровска понуда на партијата, охрабрување на различно мислење, но и градење на СДСМ за новото време. Тој додаде дека од предложените 120 кандидати за функциите, 60 се жени, 60 се мажи, а 45 се млади. Како што рече, покрај целосно еднаква застапеност на жените и мажите, имаме и 37,5 проценти застапеност на младите.Исто така, посочи дека повеќе од две-третини се нови членови на Централниот одбор и Надзорниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

„Со последните измени на статутот, уште повеќе ја демократизиравме партијата, но и го зајакнавме учеството на младите и жените во органите и телата на СДСМ. Следува најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање на и менталитетот на политичките партии во земјата, почнувајќи од СДСМ“, додаде Заев.

Тој посочи дека новата политика ќе се реализира преку пет клучни столба.

Прво, како што рече, преку обновување на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но без откажување од нашите луѓе. Второ, ангажирање на сите можни капацитети во борба против корупцијата и криминалот.

„Трето, охрабрување на различно мислење, и почитување на туѓи ставови. Четврто, градење на СДСМ за новото време. Млад СДСМ, прв во промените. Петто, поттикнување, подигнување на мотивацијата на нашите граѓани, на целиот наш народ. За реализација на сите овие столбови сметаме на членството, на новот партиско раководство, но и на сите човечки капацитети за СДСМ уште подобро и уште попосветено да им служи на граѓаните и државата“, додаде Заев.

Со овој пристап, како што рече, во наредните четири години СДСМ ќе продолжи да биде одлучувачка сила, која носи државнички одлуки.

„Воведовме етички кодекс и нов мерит систем на функционирање на партијата, со што се мери успешноста на секој функционер назначен од СДСМ и се врши еволуација на постигнатото на градоначалници, функционери, претседатели на општинските ирганизации и највисокото раководтсво на СДСМ. Ја пишавме црвената боја како своја боја. Боја на социјалдемократијата, на левицата, боја на слободата. Денес, социјадемократското семејство брои над 80 илјади членови и постојано расте“, додаде Заев во обраќањето.

Посочи дека се формирани нови општински организации, и денес СДСМ  е единствена партија во земјава која има локална организација во сите општини во државата.

„СДСМ победува затоа што постојано се менува. Пред нас се сеуште бројни предизвици на секое поле. Започнува процес на нова политика, процес со кој СДСМ ќе остане прв во промените“, посочи Заев.

На крајот тој се осврна и на справувањето со пандемијата и кризата предизвикана од неа.Според негова оценка, и покрај сите предизвици, денес може да се каже дека државата, институциите успешно се справија со налетите на пандемијата, преземаа навремени и брзи мерки и политики за да го зачуваат здравјето на граѓаните.

Тој додаде дека бројот на активни случаи опаѓа, што е добар сигнал. Во тек е и масовната имунизација, има доволен број вакцини и процесот се одвива според утврдена динамика и истовремено упати благодарност до сите кои учествуваа и се уште учествуваат во борбата против ковид вирусот.

Заев посочи дека се случила позитивна трансформација на општеството на секое поле.

„Четири години од преземањето на одговорноста да ги предводиме инситуциите, државата доживеа позитивна трансформација на секое поле. На економски план, одржавме лекција. Од наследената економија во распад, изградивме стабилна, развојна економија која носи шанса за сите. Пандемијата со коронавирусот и економската криза што настапи во светот, нанесе сериозни последици, но преземавме ефикасни и навремени чекори за ублажување на последиците и рестартирање на економијата. И успеавме! Со економските пакет мерки успеавме да сочуваме повеќе од 100.000 работни места. Помогнавме по разни основи над 400.000 граѓани и над 35.000 компании. Над 65 милијарди денари директно се вбризгани во домаќинствата и во компаниите. Преку субвенционирањето на придонесите на фирмите, за зголемувањето на платите на работниците до 6.000 денари, 200.000 работници ширум целата држава имаат зголемување на своите плати. Тоа е наш голем, заеднички економски успех во тешки околности, но и лекција како се работи чесно, одговорно и домаќински, порача Заев.

 Тој истакна дека за СДСМ здравството останува врвен приоритет и најави дека во новото раководство на партијата ќе има повеќе лекари и здравствени работници.

„Здравството е еден од клучните ресори во секоја земја и ние ќе продолжиме да го третираме со должна почит. Токму затоа, во новото раководство ќе имаме повеќе здравствени работници, повеќе лекари.Ќе продолжат инвестициите во здравствениот сектор. Ќе го продолжиме трендот на зголемување на раст на платите на здравствените работници и до 2024 година тие ќе бидат повисоки за 40 отсто, како што ветивме на минатите избори. Здравствените работници ќе продолжат да ја имаат нашата најискрена поддршка.Клучен чекор напред е продолжувањето со постапката за изградбата на нов, модерен клинички центар во Скопје, за што повторно ја повикуваме опозицијата да не го кочи овој проект што значи здравје за сите,заклучи  Заев.