Заев: „Медена земја“ заслужи номинации за Оскар


Претседателот на СДСМ и премиер во оставка Зоран Заев се придружи на честитките за номинациите за „Оскар“ на „Медена земја“ во две категории.

-Заслужени номинации за Honeyland за Оскар во категориите Најдобар документарен филм и Најдобар интернационален филм. Ова е историски успех за современиот македонски филм, кој за прв пат е со две номинации.

Честитки до режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и до целата медена екипа, нека се множат успеси!, напиша Заев на својот Фејсбук профил.

„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

Американските медиуми, меѓу кои и влијателните „Њујорк тајмс“ и „Лос Анџелес тајмс“, објавија одлични рецензии за документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland). Македонскиот победник на „Санденс“, кој застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“ се прикажуваше во кината во САД, ги одушеви критичарите.

Во текстот со наслов „Бодежот и благоста“ (The Sting and the Sweetness) критичарот на „Њујорк тајмс“  A.O. Скот  вели: „Документарецот за конфликтот на македонската пчеларка со нејзините соседи станува лирска еколошка приказна“. Нагласува дека уште во првите минути документарецот „Медена земја“ е одушевувачки, возвишен, необичен и богат со човечка и природна убавина – како на филм.

– Можеби е необично да се каже за документарен филм, но „Медена земја“ ме потсети на книгата за деца „Лоракс“ од Теодор Гајзел, познат како д-р Сеус. Тоа е одлична, длабока приказна со еколошка порака. Како и насловниот лик во таа приказна, така и Атиџе е еден вид пророк. Таа зборува во името на пчелите, пишува, меѓудругото,  рецензентот од „Њујорк тајмс“.

Цели три години додека го подготвувале филмот, екипата на „Медена земја“ работела во лоши услови. Местото каде што е снимен филмот се наоѓа во централниот дел на земјава во близина на реката Брегалница и е тешко достапно. Така, тие морале со денови да преноќуваат во шатори и без струја. Обезбедувале храна само за неколку дена, а потоа се враќале за повторно да се обезбедат, да ги наполнат батериите на техничката опрема и назад.

Режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, како и снимателите Фејми Даут и Самир Љума се екипата која макотрпно работела и верувала дека оваа приказна ќе направи промена.

За нивната главна протагонистка Атиџе дознале случајно додека снимале кадри за филм кој планирале да биде краткометражен документарец. Но, откако стапиле во контакт со Атиџе, сфатиле дека тоа мора да биде фокусот во нивната приказна.

-Лесна беше комуникацијата со Атиџе. Веднаш посака да снима и ни рече дека ова е како да и се остварил сонот. Отсекогаш сакала да дојдат новинари, сниматели и да ја фотографираат и снимаат како таа се движи по ридовите, како ги одгледува пчелите. Таа е уникатна и многу филмска личност – раскажа Котевска за „Независен весник“.

Атиџе живеејќи во неблагодарни услови, во дом кој и не личел на дом, секојдневно се грижела и за пчелите. Кога ќе го соберела медот, таа го делела на пола и оставала една половина за неа, една за пчелите. Токму ова пренесува дел од пораката за тоа како треба да се грижиме за природата се она што таа ни дава.

-Прво мислевме дека тоа некаков ритуал. Но, подоцна сфативме дека Атиџе остава половина мед за пчелите. Всушност, тоа е и клучниот момент врз кој што треба да се базира целата порака- додава Котевска.

Стефанов вели дека филмот испраќа универзална порака за животната средина и колку повеќе луѓе го погледнат, толку повеќе ќе ја разберат суштината.

-Ова не е само филм за пчелите, може да се заменат пчелите со дрвја, риби или друго. Порака е универзална. И таа е за фер искористување на природните ресурси. Не е важно дали е мед, само во случајов е – вели Стефанов.

Снимателите и Фејми Даут и Самир Љума споделија искуства од тоа како е да се снима рој пчели, а да не си воопшто заштитен.

-Воопшто немавме заштита од пчелите. Но, односот на Атиџе кон нив ни даде храброст да се опуштиме. Се случуваше цели да бидеме покрие со пчели, но не се случи ништо. Мене ниту еднаш не ме каснаа, но на Фејми му наплатија и за мене, го каснаа четири пати – раскажа Љума.