ВМРО-ДПМНЕ конечно му одговори на СДСМ: Податоците за загадената вода да ги бара од градоначалникот на Гостивар


ВМРО-ДПМНЕ конечно одговори на барањето на СДСМ да бидат објавени податоците за загадувањето на водата во Гостивар и имињата на лицата и институциите кои стојат зад тврдењата дека таа е технички исправна. Според одговорот, барањата треба да ги упатат кон градоначалникот на Гостивар за чиј избор, како што тврдат, СДСМ помогнале. 

„Секоја анализа, секое испитување и негово објавување е директна надлежност на ЈП Комуналец Гостивар. Така што по ова прашање, нека се обратат до Валбон Лимани и нека му кажат да ги објави резултатите. 

Второ, надлежна институција која поставува и разрешува директор на ЈП Комуналец е градоначалникот на општината, во случајот Валбон Лимани, градоначалник од редовите на СДС, ДУИ и партијата на Таравари.

Трето, дистрибуцијата на водата до домовите е исклучиво на ЈП Комуналец. Тоа што тие направиле превид во целата ситуација, а со тоа се затруле граѓаните на Гостивар, е директна одговорност на директорката, која патем е приведена. 

Четврто, поради тоа што градоначалникот и локалните институции во Гостивар се неспособни, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ мораше да интервенира, и за рекорден временски период да се исчисти водата, да се пушти првенствено водата за техничка употреба, а потоа и за пиење. Во меѓувреме, секојдневно Гостиварчани добиваа флаширана вода за пиење. Од другата страна пак, СДС донираше нула  шишиња вода за граѓаните. 

Петто, по месец дена кризата со Гостивар е минато. Одговорноста треба да се преземе од страна на обвинителството и да се казнат сите оние кои имаат и најмала индиректна одговорност во случајот. Исто така, да не се заборави и за молкот на поранешните министри за здравство на СДС, вклучувајќи го и нивниот претседател Филипче, до кој стигнале преку 400 испитувања за загадена вода, а тој не реагирал ниту за едно. Да резимираме, СДС и Филипче се најмалку компетентни да говорат. Со години не реагирале, а денес само обвинуваат“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, на денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, посочи дека додека граѓаните сè уште ја чекаат вистината и официјалните документи за водата, Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ организираат партиски прослави во Гостивар.

„Вчера Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ славеа во Гостивар, во градот каде над 5.000 граѓани беа отруени. Што славеа, труењето на граѓаните? Мицкоски нема ниту трошка морал. Ниту срам. Наместо одговорност за една од најголемите здравствени кризи во Гостивар, партиска прослава“, рече Поповиќ.

Таа нагласи дека граѓаните на Гостивар 22 дена пиеле вода со фекалии, над 5.000 луѓе завршиле во болница, а пет недели подоцна сè уште нема јавно објавен документ, извештај или потврда за водата во градот.

„Ако сè е во ред тогаш прашањето е многу едноставно: Зошто пет недели нема официјално објавени резултати од анализите на водата во Гостивар? Зошто документите се кријат од јавноста? Кој ги потпишал анализите? Која институција официјално гарантира дека водата е безбедна за пиење?“, праша Поповиќ.

Токму необјавувањето на официјалните документи создава несигурност и недоверба кај граѓаните, особено по серијата контрадикторни информации за состојбата со водата.

„Министерот Клековски вели дека анализи на водата се прават секојдневно. Ако анализите се прават секој ден, каде се резултатите зошто не се објавени? Пет недели власта тврди дека водата е исправна, а пет недели нема јавен документ што го потврдува тоа“, рече Поповиќ.

Наместо стручни лица и надлежни институции кои јавно и со официјален документ ќе ја потврдат безбедноста на водата, граѓаните со недели слушаат различни изјави од претставници на власта.

„Стручно лице кое ќе застане пред јавноста – нема. Институција која со потпис и печат ќе потврди дека водата е безбедна – нема. Само изјави, контрадикторни информации и ‘чувства’“, истакна Поповиќ.