Анализа: Каква вода пиеме и како ја чуваме – во 21 век се користи септичка јама


Фото: Б. Грданоски

Од 2013 до 2022 година повеќе од 90 отсто од испитувањата на водата за пиење на ниво на државата, покажале дека водата за пиење е исправна односно санитарно-хигиенската состојба била во границите на очекуваното, се наведува во годишната „Статистика на животната средина за 2025“ што ја објавува Државниот завод за статистика.

Додека Гостиварци ги помина „најпеколните“ летни денови без вода за пиење од градскиот водовод а партиите меѓусебно се обвинуваа чија е вината за состојбата во Гостивар, но и во други населени места во државата, Порталб направи увид во досегашните статистики на надлежните институции поврзани со прашањето „Каква вода пијат граѓаните“.

Статистичкиот извештај за 2025  на ДЗС, што се објавува еднаш на две години, открива дека во период од една деценија, повеќе од 90 отсто од земените мостри покажале дека водата за пиење на ниво на државата била исправна за користење и за пиење.

„Процентот на неисправни мостри, според физичко-хемиската анализа, се движи од 2.6 до 5.5 отсто, а процентот на неисправни мостри, според микробиолошката анализа, се движи од 0.9 до 3.0 отсто“, пишува во статистичката анализа.

Иако повеќе од 90 отсто од домаќинствата користат вода за пиење од јавен водовод, сепак во документот се нотира дека во 21 век сè уште се користи вода што не е проверена.

„Иако податокот дека 91.4 отсто од вкупниот број индивидуални домаќинства се снабдуваат со вода за пиење од јавен водовод претставува статистички висок показател, фактот дека на почетокот на 21 век, во срцето на Европа, сè уште дел од домаќинствата пијат вода што не е проверена ниту биолошки ниту хемиски, претставува показател што треба да загрижува“, се наведува во статистичкиот извештај и се нотира дека тоа што граѓаните живеат во рурални средини не може да биде оправдување за ваквата состојба.

“Фактот дека поголемиот број од домаќинствата што не се снабдуваат со вода за пиење од јавен водовод се концентрирани претежно во ретко населени рурални населби не може да биде оправдување за недоволната грижа на државата во секој стан, до секое домаќинство, да донесе квалитетна вода за пиење“, објавува ДЗС.

Отпадни води од становите

Јавна канализација                             75,5%

Септичка јама                                       13,0%

Слободен истек                                     4,3%

Извор : ДЗС

Од друга страна,  дури 7,3 отсто од вкупниот број на станови не се опремени со одводна канализација, 13 отсто од домаќинствата сеуште користат септичка јама а 4,3 отсто пак  од отпадните води се излеваат како „слободен истек“.

„Ако притоа се додаде и фактот дека поголем дел од изградената канализациска мрежа не води до современи колекторски системи, состојбата треба сериозно да нѐ загрижи, особено надлежните институции и единиците на локалната самоуправа“, се наведува во анализата на статистичарите.

Најновите податоци за 2025 година покажуваат дека од вкупното количество испуштени отпадни води, дури  72.6 отсто не биле прочистени а 27,4 отсто пречистени. Во новиот „Стратешки план 2026-2028“ на Министерството за животна средина и просторно планирање е посочено дека ќе има проекти за изградба на канализациони мрежи, одводни канали, колекторски системи и  атмосферски канализации. Меѓу другите најави се и изградба на водоснабдителен систем во Теарце и водоводно-канализациона мрежа во  повеќе рурални места околу Делчево, Тетово,  Демир Хисар. Неготино. Според достапните податоци од Министерството за животна средина, последната објавена Национална стратегија за заштита на животната средина е објавена во 2018 година и се однесува на периодот до 2027 година.