Заев: Македонците во пријателска Албанија се неизоставна нишка во поврзувањето на двата народа
Премиерот Зоран Заев денеска во Пустец, Албанија, го посети заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“ кое е реновирано со поддршка на Владата на Република Северна Македонија како резултат на заклучоците на заедничката седница со Владата на Албанија што се одржа во Поградец во 2018 година.
-Македонците кои живеат во пријателска Албанија претставуваат неизоставна нишка во поврзувањето на двата народа и Владата на Северна Македонија на соодветен начин ќе помогне во повеќе сегменти од секојдневниот живот на месното население вклучувајќи ја и поддршката во образовниот процес на македонски јазик. Денеска со нас донесовме одреден број книги од кодификаторот на современиот македонски јазик Блаже Конески, како и одреден број учебници кои можат да претставуваат дополнување на наставата во заедничкото основно и средно училиште во Пустец, напиша премиерот Заев на својот фејсбук-профил.
Со поддршка на Владата и на нашето Министерство за образование и наука, додава Заев, ќе ја поттикнеме и поддржиме непосредната соработка на македонските друштва во Албанија и на образовниот кадар по македонски јазик во училиштата од Мала Преспа со Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, со Советот за македонски јазик, со Меѓународниот семинар за македонски јазик и со Филолошкиот факултет при Универзитетот во Битола, за организирање семинари и обуки на наставниците кои држи настава по предмети на македонски јазик.
Тој најави дека во текот на 2021 година ќе започне постапката за отворање на почесен Конзулат во Корча кој ќе биде од особена важност и нова алка од повеќекратно значење за Македонците кои живеат во овој дел од Република Албанија.