Заев: Ќе реагираме на ставот на БАН за негирање на постоењето на македонскиот јазик


Фото: Б. Грданоски

Република Северна Македонија ќе реагира на оценката на Бугарската академија на науките (БАН) дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, најави денеска премиерот Зоран Заев.

– Ќе реагираме поради тоа што тоа прашање е дел од прашањето за решавање на проблемите помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија во Договорот за добрососедство и пријателство. Првите чекори се направени. Верувам дека тоа мораме да го решиме. Јас не ја знам реакцијата, сега ја слушам од вас. Секако ќе реагираме и преку МНР и ќе ги направиме сите наши коментари откако ќе прочитаме што е самата реакција – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Запрашан дали тоа може да значи суспендирање на преговорите со Бугарија, премиерот Заев нагласи дека Договорот со Бугарија е „внимателно испишан од двата народи заради идентитетските прашања“ и е потпишан на македонски и на бугарски јазик „согласно уставите на двете држави“.

– Таа формулација согласно уставите на државата во самиот договор покажува дека Бугарија се уште не е на чисто со признавањето на нашиот македонски јазик. Тоа е прашање што остана да го решиме низ имплементацијата на договорот и јас верувам и уште еднаш апелирам ако сме Европејци и ако се залагаме за европска демократија и за европските вредности и права, тоа прашање час поскоро да го надминеме – изјави Заев.

Тој нагласи дека верува оти во периодот што претстои пред нас, многу брзо ќе биде надминато тоа прашање.