Заев ја напушти прославата во Крушево и замина во Кочани


Некаде пред 21 часот премиерот Зоран Заев ја напушти прославата на Илинден во Крушево (кога уште свиреше Влатко Стефановски) и замина за Кочани, каде е многу сериозна ситуацијата со пожарот, затоа што градот се наоѓа во обрач од огнот кој веќе навлезе во него и зафати повеќе куќи. Градската противпожарна служба се бори со сите сили да го спречи ширењето на пожарот, кој доби голем замав поради силниот ветер во попладневните часови.

Во Македонија има 13 пожари во моментов, кои добиваат на интензитет поради исклучително топлото време. Претседателот Стево Пендаровски нареди вклучување на војската во гаснењето на пожарите.

Заев рече дека Централниот кризен штаб е во целосна координација и дека се мобилизирани сите противпожарни сили од соседните општини за да помогнат.

„Во моментов е намален ветерот и е локализиран пожарот над Кочани и над Старо Нагоричане. Јас и неколку министри одиме кон Кочани, а неколку министри одат кон Старо Нагоричане. Утре изутрина ќе дејствуваат и хеликоптерите. Подготвена е и помош од соседите доколку е потребна“, изјави Заев.

Од кабинетот на Пендаровски соопштија дека вечерва во Крушево началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски го информирал претседателот за состојбата со пожарите низ земјата и посебно за големиот пожар во Кочани доцна попладнево. Според соопштението претседателот Пендаровски во 16:30 часот издал наредба за ангажман на Армијата со целосен капацитет. Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска веќе интервенирале во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани.

Спред соопштението, во текот на денот биле ангажирани 170 припадници на Армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и помош на населението насекаде каде што има потреба.