Заев и Мицкоски ќе се сретнат в понеделник, тема како да се одблокираат законите и процесите


Средбата Заев – Мицкоски ќе се одржи в понеделник во 13 часот, потврди денес премиерот во Делчево.  

„Без разлика кој ќе се најде во позиција или во опозиција, да продолжиме да работиме заедно, а преку заедништвото верувам дека ќе го дуплираме или триплираме успехот во државата. Од тој аспект ја прифатив и поканата на претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и договоривме синоќа да се видиме во понеделник во 13 часот во Клубот на пратеници“, рече Заев.

Тој додаде дека ќе разговараат за сите блокирани постапки. Вчера, како што кажа, беше даден сигнал дека тие може да се решаваат.

„Како што беше вчера прифаќањето од страна на претседателот на Собранието и парламентарното мнозинство, предлогот на опозицијата да се стави приоритет гласањето на законите кои што ќе значат помош и поддршка за населението, за ранливите категории граѓани, за работниците, за компаниите…, веројатно тоа треба да биде охрабрување да се најде решение за сите други прашања кои за жал се блокирани во Собранието“, рече Заев.

Тој наброја повеќе такви проекти – еден од нив е проектот за енергетска ефикасност, потоа за јакнење на продуктивноста во земјоделството вреден 50 милиони евра, трамвајот на тркала за Скопје, четири закони од областа на енергетиката, клиничкиот центар – проект вреден 500 милиони евра …

Заев исто така најави дека в понеделник веројатно ќе биде соопштено дека е најдено решение за Изборниот законик и за отисокот на прст и дека Собранието брзо ќе го стави на дневен ред за усвоување.

Тоа е потребно, како што додаде, поради тоа што е треба да се направат и други работи во Изборниот законик – во него да се вградат препораките на ОБСЕ-ОДИХР, да се утврдат изборните модели.

„Се залагаме за отворени листи за претстојните локални избори, а треба да ја отвориме и затвориме успешно демократизацијата на државата преку новиот модел на гласање за парламентарните избори, кога и да се случат тие. Наша заложба е да бидат редовни, во 2024 година, преку една изборна единица која ќе им даде можност и на помалите партии“, рече Заев.