Заев: Целта е нула царини за стоките и услугите


Отворен Балкан ќе биде отворена економија (Фото: Б. Грданоски)

„Оваа иницијатива менува тектонски сѐ во регионот“, изјави Вучиќ. Рама вели дека другите три земји кои уште не се приклучиле кон иницијативата само грбат време

 

Премиерот Зоран Заев денеска се заложи целокупната размена на стоки и на услуги помеѓу Македонија, Србија и Албанија да биде без било какви царини или дополнителни давачки, што ќе овозможи зголемување на трговијата и поголем економски раст.

„Нашата цел е да има нула царини, слободна трговија, да нема граници за застанување на граѓаните и на камионите. И во такви околности не може никому да му падне на памет од било која земја да воведува нови царински тарифи, нови давачки, затоа што ќе нема можност“, рече Заев на заедничка прес-конференцијата со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, по Економскиот форум во Скопје на кој беше промовирана регионалната иницијатива Отворен Балкан.

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе се спречат евентуални царински проблеми и војни кои што постојат во сличните иницијативи како што е ЦЕФТА и во кои области постои најмногу простор за унапредување на соработката, Заев одговори дека Отворен Балкан ќе биде една отворена економија која што вработува и се движи.

„Нашата цел е сто отсто за сите стоки да има слободна трговија и 100 отсто за сите услуги да има комплетно соработка без било какви царини. Сто отсто за движење и за мобилноста на луѓето, капиталот. Исто како што граѓаните на Северна Македонија работат дома, да можат исто така слободно да работат во Ниш, Саранда или на други места и обратно. Вака заедно регионот ќе отвори перспективи во глобалната борба“, посочи македонскиот премиер.

Претседателот Вучиќ одговарајќи на прашањето рече дека трите земји се посветени на решавање на проблемите, и дека затоа било потребно година ипол период за да може се да усогласат.

„Не е само прашање за царината, туку и за сѐ она што го зборувавме“, рече тој. Запрашан до каде е најавениот заеднички  граничен со Македонија и во кои области очекува најголема соработка, Вучиќ рече дека поради короната двете земји не биле во можност тоа да се направи.

Работите во регионот нема да бидат исти со Отворениот Балкан, вели Вучиќ (Фото: Б. Грданоски)

Зборувајќи за придобивките од иницијативата за Отворен Балкан, Вучиќ рече дека целата постапка предвидува взаемно признавање на ветеринарните, фитосанитарните инспекции и тн.

„Значи, не само на квалификациите, на дипломите, на докторските или занаетчиските квалификации, туку и на сите квалификации и барања за работа“, рече тој, нагласувајќи дека ќе биде неопходно взаемно усогласување на системите за ДДВ, односно на софтверските апликации за да може да се пуштаат камионите да поминуваат без задржување на границите.

„Оваа иницијатива менува тектонски сѐ во регионот. Моравме да направиме многу промени, но сигурен сум дека ќе имаме многу успеси. Очекувано е да се размислува дека некој може да воведе дополнителни даноци или надоместоци, но ние ќе функционираме како едно во економска смисла и тоа е единствената можност да направиме економски раст, а не да наметнеме било како акцизи, надоместоци. Тоа не е возможно“, рече Вучиќ.

Одговарајќи на истото прашање албанскиот премиер Рама рече дека пресметката е многу едноставна – еден камион при увоз на стока во нашиот регион чека од другата страна со часови, а исто е и при извозот. Кога станува збор за извоз од нашиот регион во ЕУ, пак, чекањето е уште подолго – се чека и по десет часа, а покрај тоа потребни се уште дополнителни десет часа минимум за да се стигне до дестинацијата.

„Ние немаме никакво оправдување зошто да не ги поштедиме компаниите од таквото чекање и да им овозможиме нула минути чекање на граничните премини. Ова носи и друга можност за признавање на сертификатите за безбедност на храната или сите други потребни потврди и сертификати за непречено движење и превезување во регионот. Создаваме зона која посакуваме да беше од шесте земји. И ќе биде еден ден. Тие само губат време“, рече Рама, додавајќи дека на таков начин ќе биде многу полесно заеднички да се бара од ЕУ за при преминувањето на границата за производите од регионот, врз основа на усогласените европски стандарди во документацијата,  да се отстранат часовите чекање и при влегување на камионите во ЕУ.

„Платформата Отворен Балкан му е потребна на регионот. Денеска овде се одржуваат стотици билатерални средби помеѓу компаниите од нашиот регион. Целиот регион треба да биде една целина“, посочи Заев на прес-конференцијата.

„На сите ни е јасно дека во заедништвото и во соработката е и силата. И тоа им го должиме на нашите граѓани. Сите знаеме дека и другите земји од Европа повеќе ќе не почитуваат и ќе соработуваат со нас ако бидеме здружени“, рече Заев. (М.Ј.)