Заедничка превентивна акција на МВР и општините Кисела Вода и Центар

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со градоначалниците на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и на Центар Горан Герасимовски спроведоа заедничка превентивна акција низ централното градско подрачје на Скопје и во Кисела Вода.
Оваа заедничка иницијатива, како што соопшти МВР, е со цел да се утврди состојбата на лице место со присуство на малолетници во ноќните часови и низ разговор со нив да се испрати порака колку е важна превенцијата во спречување на малолетничката деликвенција во сите нејзини појавни облици.
-Од страна на МВР ќе ја разгледаме и можноста во рамки на системот ,,Безбеден град”, кој што опфаќа камери на сообраќајници да се надогради со видео надзор на парковите и други места каде се забележува нарушување на јавниот ред и мир, потенцираше министерот Тошковски.
Координацијата меѓу МВР и локалните самоуправи, како што истакна министерот Тошковски, е добар пример во креирањето ефикасни механизми за превенција и заштита на јавниот ред и мир.