Задолжителното пензионирање не важи за приватниците


Фото: Б. Грданоски

Министерството за труд и социјална политика во моментот работи на законот за пензионирање со 64 години старост и 15 години стаж, додека за најавите за откуп на стаж и предвремено пензионирање допрва ќе се разговара со сите засегнати страни.

– Најавите за откуп на стаж за предвремено пензионирање ќе бидат предмет на една поширока дебата во која ќе бидат вклучени сите чинители на социјалниот дијалог. Тоа е законско решение на кое во моментот не работиме. Ова е прашање кое бара детална анализа. Треба да се направи темелна анализа за тоа кој би изразил желба за да откупи стаж и предвреме да оди во пензија, какви ќе бидат финансиските импликации. Оттука, дебатата за пензионирање со откуп на стаж ќе биде отворена заедно со сите чинители. Никако нема да носиме избрзани одлуки, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната прес-конференција во Владата.

Законот за пензионирање со 64 години старост и 15 години стаж на кој во моментот работи ресорното Министерство ќе важи за сите вработени во јавниот сектор, но ќе остава можност и за исклучоци во реалниот сектор доколку работникот и работодавачот взаемно се договорат за продолжување на работниот век. Исклучоци ќе има во здравството, а истото се размислува и за високото образование.

Во врска со најавите за субвенционирање на вработувањата по етничка основа, Шахпаска истакна дека е важно во корона кризата да се сочува секое работно место и да се зголеми бројот на вработени.

– За нас вработувањето на секој човек, посебно на секој млад човек и на социјално ранливите категории е примат. Важно е да се зголеми бројот на вработени и оттука во нашата владина програма до крајот на мандатот е предвидена едноцифрена невработеност, рече Шахпаска.