Задолженоста на компаниите во банките зголемена за половина милијарда евра, има ли удел и унгарскиот кредит?

Двоцифрени проценти за раст на кредитирањето на компаниите – во април задолженоста изнесувала 4,05 милијарди евра што е за половина милијарда евра повеќе во однос на истиот месец, минатата година. Банкарите очекуваат дека и во овој втор квартал ќе има зголемена побарувачка за кредити а условите за одобрување ќе олеснуваат, пишува Порталб.мк. Домаќинствата пак само по основ на станбени и потрошувачки кредити должат 3,74 милијарди евра.
Компаниите задолжени со 4,05 милијарди евра, домаќинствата со 4,16 милијарди евра
И вториот банкарски квартал започна со двоцифрен раст на кредитирањето на корпоративниот сектор, во април регистриран пораст од 14,1%. На крајот од првиот квартал, сумираните податоци покажуваат пораст на кредитирањето на компаниите за 15,3% додека лани, во истиот анализиран период растот изнесувал 5,4%. Дел од економистите што ги консултираше “Порталб“ велат дека од почетокот на годинава влијание врз порастот на кредитирањето на компаниите удел има Унгарскиот кредит кој преку Македонската банка за поддршка на развојот, завршува кај деловните банки кои ги одобруваат парите на компаниите.
Според новите податоци од НБМ, вкупната кредитна задолженост на компаниите во банките изнесува 4,05 милијарди евра и според пресметката на „Порталб“ тоа е за околу половина милијарда евра повеќе во однос на лани истиот месец, кога задолженоста изнесувала 3,55 милијарди евра.
Април 2025 Април 2024
Корпоративен сектор 4.056.813.100 е 3.554.500.000 е
Домаќинства 4.168.200.000 е 3.796.000.000 е
Извор : НБМ
Од почетокот на годинава забележана е позначајно зголемена побарувачка на кредити од страна на компаниите но и поголемо нето-олеснување на условите за нивно кредитирање. Интересно е дека банкарите во новата Анкета на НБМ изјавиле дека очекуваат овој тренд да се задржи и во тековниот втор банкарски квартал.
„Анализирано од аспект на факторите коишто влијаат врз побарувачката на корпоративните кредити, може да се забележи дека сите фактори од групата поврзани со „потребите од финансирање“ придонесуваат за нето-зголемување на кредитната побарувачка“, се наведува во Анкетата и се посочува дека во овој период се очекува зголемена побарувачка за кредити од компаниите од сите сектори како градежништво, трговија, услужни дејности, освен од преработувачката индустрија.
Во средината на овој месец беше исплатена уште една транша од унгарскиот кредит за компаниите. Висината на последната исплата е 41,3 милиони евра и овие пари преку МБПР веќе се префрлени на банките за финансирање на 100 микро и мали, 57 средни и 18 големи компании во државата. Од вкупно 250 милиони евра од Унгарскиот кредит, најавени и ветени за компаниите, до сега на банките се префрлени 125,8 милиони евра.
За разлика од кредитирањето на компаниите, банкарите очекуваат дека кредитирањето на домаќинствата во овој втор квартал ќе биде во пораст но со поумерено олеснување на условите за одобрување на кредити.
„Анализирано од аспект на поединечните кредитни услови, се забележува засилено нето-олеснување кај каматните стапки и каматната маргина на станбените и потрошувачките кредити“ – се наведува во новата Анкета на НБМ.
Заклучно со април, вкупната кредитна задолженост на домаќинствата изнесувала 4,16 милијарди евра што според пресметката на „Порталб“ е за 67,7 милиони евра повеќе во однос на состојбата со истиот месец лани.
Април 2025
Потрошувачки кредити 2.146.500.000 е
Станбени кредити 1.602.000.000 е
Кредитни картички 140.260.200 е
Извор: НБМ
Највисоки износи на кредитната задолженост на домаќинствата се по основ на потрошувачки и станбени кредити и за кредитни картички. На крајот на април вкупната кредитна задолженост во банките (домаќинства и корпоративен сектор) изнесувала 8,26 милијарди евра со годишен пораст од 11,8% и месечен за 0,8%.