„Зад кулисите“- изложба на уметнички фотографии на Александар Томовски во МКЦ

Александар Томовски, утревечер, во 20 часот, (13.10.2022) во МКЦ ја отвара изложбата на уметнички фотографии „Зад кулисите“.
– Како фотограф кој фотографирал од инсекти до ѕвезди, природа, портрети, улици, настани.. можам да кажам дека балетската фотографија носи најголеми предизвици, но затоа и најмногу наградува. Приказната соодветно започнува во холот на МОБ, пред неколку години со трите балерини Мила, Христина, и Медина како дел од работилница за фотографија која што ја држев на Fashion&Lifestyle Expo; иако, сакам да верувам дека е започната многу поодамна, но чекала свое време и простор да се реализира. Преморени и повредени од подготовките за „Лебедово езеро“, го прифатија предизвикот и создадовме многу повеќе од добри фотки – енергија и пријателство коешто трае до денес. Ме поканија на претставата и long story short – оттогаш немам пропуштено балет; бев маѓепсан од убавината и чудесиите што ги изведуваат на сцената, но и заинтригиран да ѕирнам што тоа се случува и кои приказни се кријат „Зад кулисите“, го објаснува Томовски проектот.
Александар Томовски (1985 , Скопје) е софтверски инженер преку ден, фотограф и филмаџија во останатото време. Неговата љубов кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па се симнува и расте низ градските улици и доближува до секојдневието на луѓето, за постепено да се насочи во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува вечна инспирација на уметниците. Можеби тука некаде го пронаоѓаат своето место и балетот и балерините, со сета елеганција и грациозност којашто ја поседуваат, но и експресиите преку глумата, танцот, костимите…
Низ годините учествува на бројни престижни меѓународни натпревари и групни изложби во истакнати галерии, стекнувајки се со златни, сребрени, бронзени медали, почесни награди, дипломи..
Од септември 2022 се стекнува и со престижното звање Кандидат Мајстор на Фотографија при Националната Фото Унија на Македонија.