Забраната за исплата на дивиденда ги „потопи“ акциите на банките на Берзата
Најмногу се намали вредноста на две од банките кои ја сочинуваат „големата тројка“ – на Комерцијална банка за 3,89 отсто и на НЛБ банка за 4,21 отсто, но и на Стопанска банка Скопје за 0,69 отсто
Мирче Јовановски
Вредноста на акциите на повеќе банки кои котираат на Македонската берза денеска значајно се намали откако Советот на Народната банка одлучи привремено да ја забрани исплатата и распределбата на дивидендата.
Најмногу се намали вредноста на две од банките кои ја сочинуваат „големата тројка“ – на Комерцијална банка за 3,89 отсто и на НЛБ банка за 4,21 отсто, но и на Стопанска банка Скопје за 0,69 отсто. Не беа поштедени и акциите на други банки – така, акциите на УНИ банка поевтинија за 2,25 отсто, а на ТТК банка за 1,86 отсто. Акциите на Охридска банка и на Стопанска банка Битола беа без промена во однос на претходниот ден на Берзата.
Сето ова придонесе да се намали и вредноста на берзанскиот индекс МБИ 10 кој денешниот ден за тргување на Берзата го заврши на 5.006,57 поени, за 1,75 отсто помалку од вчера.
Банките денес беа затечени од одлуката на Народната банка со која акционерите годинава најверојатно ќе останат без дивиденди иако минатата 2020 година и покрај кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, работеа успешно и остварија високи профити.
Според НБ, причината е неизвесноста од корона кризата, поради што се делува превентивно, иако банкарскиот сектор е стабилен. Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда се однесува и на штедилниците.
„Неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“, појаснија од НБ.
Одлуката е од привремен карактер и ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката. Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука, соопштија од НБ додавајќи дека вакви привремени ограничувања во однос на дивидендите се воведени и во земји од регионот и пошироко.
Сепак, и покрај ваквото образложение, акционерите на банките беа непријатно изненадени и најавуваат дека ќе бараат Уставниот суд да ја преиспита одлуката на монетарната власт.
Најмногу се погодени домашните акционери, пред сѐ компаниите на кои приходите од дивидендите можат значајно да им ја подобрат состојбата на нивните деловни биланси кои се под притисок на актуелната криза.
Тие сега се во прилично непријатна ситуација – од една страна ги чувствуваат последиците од кризата, а од друга, со регулаторна мерка не можат да сметаат на приходи кои ги планирале или очекувале. Исто така, како што велат, ваквата мерка негативно ќе влијае и врз инвестициите кои ги планирале, но и на потрошувачката, бидејќи средствата од дивидентите тие секако ќе ги искористеле за продуктивни намени во компаниите.
Од Комерцијална банка, велат дека закажале Собрание на акционери уште пред да се објави одлуката на Советот на Народната банка.
„Материјалите за Собранието на акционери се усвоени од Надзорниот одбор и согласно законските прописи, се објавени во јавност пред Одлуката на Советот на НБРСМ. Очекуваме дека по однос на Одлуката на Советот на НБРСМ, Македонската банкарска асоцијација ќе изгради соодветен став, вклучувајќи и можност да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на оваа Одлука“, велат од Комерцијална банка.
Банката го закажала Собранието на акционери за 29 март годинава, а една од предлог одлуките се однесува на распределба на добивката за имателите на обични акции да изнесува 600 денари по акција (на бруто-основа), односно вкупно 1.367.440.200 денари, а дел од добивката да се распредели за резерви (294.526.091 денари), како и 250.000.000 денари во задржана добивка (реинвестирана добивка) за инвестициско вложување кое ќе служи за развојни цели и проширување на дејноста.
И ТТК банка на Берзата денес ги објави одлуките за свикување Собрание на акционери и за распределба на дивиденда, според кои се предлага износот на нераспределената добивка од 90.630.213 денари да се распредели дел за резерви и дел за исплата на дивиденда во бруто-износ на обични акции.
За разлика од банките за кои одлуката е задолжителна, осигурителните компании добија препорака од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето да не делат дивиденда. Образложението на АСО е дека препораката е поради потребата да се заштитат осигурениците, како и поради тоа што компаниите на домашниот пазар имаат пад на приходите за 5 отсто и зголемени трошоци во работењето.