Поплави на грчките острови Парос и Миконос – забрането возење


Силниот и обилен дожд и невремето што попладнево ги зафати Кикладските острови во Егејското море предизвика поплави и проблеми, а најпогодени се островите Парос и Миконос каде што улиците се претворија во реки, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите и посетителите дека е забранет сообраќајот на сите возила, со исклучок на оние за итни случаи, јави дописничката на МИА од Атина.

Од општина Парос и општина Миконос соопштија дека утре, училиштата и на двата острови ќе останат затворени.

Според видеата објавени на социјалните мрежи, на Парос водата на поплавените улици повлече паркирани автомобили.

Градоначалникот на Парос Костас Бизас за грчката телевизија ЕРТ рече дека невремето започна околу 15 часот и предизвика проблеми на повеќе патни мрежи, а најпогоден е градот Науса каде што се излеала реката, но и потенцираше дека за среќа нема повредени граѓани.

Откако беше испратена пораката од 112 за забрана за движење на возила и од општина Парос преку соопштение ги повикаа жителите и посетителите на островот, „поради опасните временски појави што го зафатија островот, како и големите штети што се предизвикани на патната мрежа, да не се сообраќаат по патната мрежа“.

– Оштетувањата на патната мрежа опфаќаат одрони, поплави и уривања на делови од мрежата, што го прави сообраќајот опасен. Општината во соработка со надлежните служби прави максимални напори за справување со вонредната состојба. Се молат сите жители и посетители на островот да ги следат упатствата на надлежните органи, соопштија од општината, а кусо подоцна преку ново соопштение информираа дека сите училишта на островот ќе останат затворени.

Од општина Миконос ги повикаа жителите на островот да останат во нивните домови додека трае невремето и соопштија дека училиштата утре ќе бидат затворени.

– Приоритет е безбедноста на сите. Општина Миконос работи и ќе продолжи напорно да работи со сите сили за санирање на штетите предизвикани од невремето. Ги повикуваме граѓаните да останат смирени, да ги следат упатствата и да соработуваат со надлежните, соопштија од општината.

Хеликоптер од Атина со осум пожарникари се упати кон Парос за доколу е потребна дополнителна помош, меѓутоа поради невремето и опасните временски услови не успеа да стигне и се врати во грчката метропола, а пожарникари со траект на Парос се упатија од соседниот остров Наксос.

Проблеми, но од помали размери имаше и на островот Сирос.

Кусо пред почетокот на невремето беше испратена порака до жителите на Кикладските острови дека до рано наутро се очекуваат интензивни временски појави, им препорачаа на бидат внимателни во движењата и да ги следат упатствата на надлежните.