Забрана за штрајк, а новите директори се прогласуваат за ненадлежни – контролорите на летање бараат подобри услови
Контролорите на летање кои бараат подобри услови и најавуваа штрајк, беа приморани да го откажат штрајкот што беше најавен за в понеделник од 10 до 15 часот по пресудата на Граѓанскиот суд откако тројцата директори на Македонската навигација (М-НАВ) поднесоа тужба до судот со предлог за забрана за организирање на најавениот штрајк.
Судијката од граѓанскиот суд донела одлука за времена мерка за забрана на штрајкот, иако како што тврди претседателот на Струковиот синдикат на контролорите на летање Александар Тасевски, никој не побарал да донесе времена мерка и го откажала денешното рочиште на кое Синдикатот требало да ги даде своите аргументи. Синдикатот најави дека ќе се обрати до претседателот на Граѓанскиот суд и претставка до Судски совет за судијката која го донела ова решение.
– Тужбеното барање на М-НАВ воопшто не е со барање за времена мерка туку е барање за отпочнување на постапка и со таа постапка со изложување на докази од двете страни и да се види дали имаме право на штрајк или ако нема судот да донесе одлука дека тој штрајк не може да се спроведе како таков и дека треба да се прекине. Во решението од судот самиот навел дека барањето на тужителот го смета како времена мерка, што е спротивно на закон и нашите правници денеска ги оформија приговорите и одговорите на тужбеното барање и жалбата и ќе бидат доставени. Но, за ова ќе се обратиме и до републичкиот судски совет каде што ќе се поднесе претставка и до судијката која го водела случајот ќе биде контактиран претседателот на судот. Ќе бараме овој предмет да биде вратен повторно на рочиште и да ни се дозволи да ја изложиме нашата одбрана. На времената мерка не стои никаков рок, нема ни кога да се закаже следно рочиште, напротив со самото решение вика дека на 17 се откажува рочиштето што се гледа дека е тенденциозно со намера еднострано да не ни се овозможи да ја дадеме нашата одбрана во наша полза – рече Тасевски.
Со оглед на тоа што мора да ја почитуваат одлуката на судот, тие ќе го стават штрајкот во мирување, но Тасевски вели дека нема да се откажат и ќе продолжат со активности и ќе најдат начин да ги остварат нивните барања што се дел од спогодбата која е потпишана со синдикатот и раководството на М- НАВ од 2023 година за подобрување на условите на контролорите.
-За жал откако е дојдена новата менаџерска структура буквално целата таа спогодба е застаната, дури и директорите се обидоа да се прогласат за ненадлежни – вели Тасевски. Нивното образложение било дека спогодбата е потпишана со друго раководство, но тоа секако не е причина ова раководство да не ги испочитува барањата на Синдикатот.
Менаџментот на М-НАВ вчера ја информираше јавноста дека Основниот граѓански суд Скопје донесе решение со кое се усвојува нивниот предлог за изрекување на привремена мерка – забрана на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ-подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските.