Заборавен од државата ама ценет од странските археолози: Меѓународна конференција за Кокино во Куманово


 Кокино и 25 години по почетокот на археолошките истражувања останува еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија,сметаат археолозите од Европа и светот кои денеска учествуваат на третата меѓународната конференција посветена на светски познатиот локалитет.

Конференцијата е насловена „Свети места низ времето: Археологија, ритуал, религија“ и учествуваат 30 истражувачи од Европа и Северна Америка, кои ќе ги претстават своите научни согледувања за ритуалните простори, обредите и религијата од праисторијата, преку антиката, до средновековниот период. Настанот се одржува во спомен на Јовица Станковски, археологот кој со децении работеше на истражување и меѓународна афирмација на Кокино.

Археологот Дејан Ѓорѓиевски од НУ Музеј Куманово рече дека годинашната конференција е посебна токму поради посветата на Станковски, со кого Музејот ги поврзува почетоците и развојот на истражувањата на локалитетот.

– Оваа година славиме 25 години од откривањето на Кокино. Ова е трета меѓународна конференција што ја организираме по повод постоењето на локалитетот. За жал, ова е прва конференција што ја правиме без Јовица Станковски, човекот кој го афирмираше Кокино, па целата конференција всушност му ја посветуваме нему, изјави Ѓорѓиевски.

На конференцијата учествуваат истражувачи од Македонија, Грција, Бугарија, Косово, Србија, САД и Франција. Според Ѓорѓиевски, темата не е ограничена само на праисториските светилишта, туку ги опфаќа светите места и простори низ различни временски епохи. Настанот е отворен за јавноста, а планирано е научните излагања во наредниот период да бидат објавени во зборник. Јубилејната програма опфаќа и други активности. По фестивалот посветен на Кокино, за четврток е најавена изложба на Мирослав Петкоски, посветена на 25 години од откривањето на локалитетот. Ѓорѓиевски посочува дека Кокино е вклучено во програмите за училишни екскурзии и дека учениците се меѓу посетителите, но најголем интерес покажуваат странските туристи. 

 

– Според нашите неофицијални бројки, околу 10.000 странски посетители доаѓаат таму, но според бројот на продадени билети и фактот дека дел од посетителите не се информирани за наплатата, сметам дека бројката може слободно да се процени на најмалку 5.000 посетители, рече Ѓорѓиевски.

И покрај интересот, инфраструктурните услови остануваат еден од проблемите со кои се соочува локалитетот. Според Ѓорѓиевски, Музеј Куманово управува со Кокино, но непосредната заштита е во надлежност на други институции. Недостигот од основна инфраструктура ја ограничува можноста за целосно уредување и подобрување на условите за посетителите.

На научното значење на Кокино се осврна и д-р Александар Булатовиќ од Археолошкиот институт во Белград, кој е дел од истражувачкиот тим од 2003 година. Тој соработувал со Јовица Станковски прво како истражувач во Народниот музеј во Врање, а потоа и во Археолошкиот институт во Белград. Булатовиќ го опиша Кокино како еден од највеличествените локалитети на кои работел, нагласувајќи дека неговото значење произлегува од археолошките и археоастрономските карактеристики.

–  Станува збор за мегалитска опсерваторија, со делови што се користеле за различни ритуали од околу 2000 година пред нашата ера до железното време, кога го изгубил значењето како ритуално место и станал населба, изјави Булатовиќ.

Тој вели дека локалитетот е значаен поради распоредот на позициите од кои се следеле движењата на небесните тела, особено Сонцето и Месечината. Како шт рече слични мегалитски опсерватории и астрономски календари се познати и на други места во Европа и Медитеранот, но Кокино има посебно место во балканскиот археолошки контекст. Булатовиќ се осврна и на придонесот на Јовица Станковски, посчувајќи дел од заедничките истражувања за астрономските позиции на Сонцето и Месечината биле претставени и во нивна заедничка книга.

– Колку што можам да забележам, локалитетот е прилично запоставен и во лоша состојба во споредба со тоа како го паметам од пред 15 години. Би апелирал до оние што имаат можност да направат промени во Македонија, бидејќи Кокино заслужува многу поголема грижа, посочи Булатовиќ.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство  Весела Честоева од  потсети дека уште во 2009 година, Музеј Куманово изработил нацрт-план за управување со Кокино како мегалитска опсерваторија, кој претставува стратешка основа за продолжување на процесот. Документот од 2009 година е основа според која  потребно е институциите да ги преземат преостанатите активности и да ги донесат неопходните акти за да продолжи постапката за номинација на локалитетот на листата на светско наследство на УНЕСКО.

– Уште во 2009 година е изработен нацрт-планот за управување со Кокино како мегалитска опсерваторија. Тоа е стратешки документ кој, за жал, од тогаш е застанат. Треба да се надоврземе на него за да продолжи останатиот дел од процесот. Во 2009 година е направена и првата номинација на Кокино пред УНЕСКО, рече Честоева.

Таа најави дека Управата за заштита на културното наследство ќе ја продолжи соработката со Музеј Куманово и Министерството за култура и туризам, со цел да се донесат преостанатите документи и да се активира постапката. 

Како држава мораме да го поддржиме овој процес и да продолжиме понатаму. Би иницирале постапка до Владата за Кокино да биде ставено во капиталните проекти, за да можеме да обезбедиме поголеми финансиски средства и да го продолжиме процесот, истакна Честоева.

Таа посочи дека Кокино има значење и од археолошки и од астрономски аспект и претставува важен репрезент на македонското културно наследство, што го потврдува и интересот на странските посетители од различни делови на светот.