Скопје го слушна легендарното дело на Паганини: Виртуозен концерт со Патира и Курек во Филхармонија
Виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек синоќа го почестија Скопје со ретко изведувано и легендарно дело на Паганини, во Филхармонија, во рамки на „Охридско лето“ како гала настан надвор од редовната фестивалска сезона.

Публиката, претежно странци, дипломати и префинети слушатели, уживаа во виртуозната изведба на Капричо бр. 24 (Capriccio No. 24) во а-мол од Николо Паганини кое се смета за едно од најважните и најпредизвикувачки дела во историјата на музиката поради својата екстремна техничка тежина и револуционерна структура. Темата од 24-тото Капричо е толку заразна и совршена за обработка, што станала една од најпознатите мелодии во класичната музика. Подоцна, многу славни композитори напишале свои дела базирани токму на оваа тема, меѓу кои Рахманинов, Брамс, Лист и Вебер.

Публиката во текот на вечерта уживаше и во други внимателно одбрани парчиња од репертоарот, кој понуди дела од различни стилски периоди.
Со својата извонредна техника, музикалност и сценска енергија, Патира и Курек ја воодушевија публиката, која нивната изведба ја награди со долги и громогласни аплаузи. Особено внимание предизвика музичката комуникација меѓу двајцата уметници, чии изведби се надополнуваа во впечатлива целина, оставајќи силен впечаток кај присутните. За бис ја почестија публиката со изведба на Шопен.
Радослав Курек е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на повеќе меѓународни признанија, а неговата концертна кариера опфаќа настапи во Европа, Америка, Азија и Африка.

Овој концерт се реализираше со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје, а влезот за посетителите беше бесплатен како израз на благодарност за поддршката и довербата на публиката, но и како придонес кон создавање достапни и квалитетни културни содржини.
По синоќешниот концерт, концертната програма на „Охридско лето“ продолжува на 4 декември во Музејот на македонската борба за самостојност, со настап на извонредната корејско-американска сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен. (Л.С.)