Забавен глобален раст, трговски тензии и неизвесност: ММФ и Светска банка ги почнаа есенските состаноци во Вашингтон


Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка денеска ги отворија своите годишни есенски состаноци во Вашингтон, во услови на забавен глобален раст, трговски тензии и зголемена неизвесност во економските политики.

На состаноците учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки и претставници на развојни институции од целиот свет.

Главниот настан оваа недела ќе биде утрешното објавување на ажурираниот глобален економски извештај на ММФ. Во јулската прогноза Фондот предвиде глобален раст од 3 отсто за оваа година и 3,1 отсто за 2026 година.

Особено внимание ќе биде насочено кон влијанието на новите трговски мерки на американскиот претседател Доналд Трамп. Генералната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, предупреди дека „целосниот ефект на новите царини сè уште не е познат“.

„Неизвесноста стана новата нормалност и ќе остане со нас,“ изјави таа минатата недела.

Меѓу темите на состанокот ќе биде и влијанието на вештачката интелигенција врз глобалната економија. Банката на Англија неодамна предупреди на можен „меур“ на пазарите поврзан со инвестиции во вештачка интелигенција, кој би можел да предизвика „нагло коригирање“ на финансиските пазари во случај на промена на инвеститорските очекувања.