За три години над 1.200 македонски семејства ја подобриле енергетската ефикасност преку програма на ЕБОР
Домаќинствата од регионот трошат три пати повеќе енергија од европската, енергетска ефикасност постигнале 4.000 семејства преку проект на ЕБОР
Домаќинствата во Западен Балкан трошат приближно три пати повеќе енергија од европските земји што претставува товар за семејниот буџет. Различни иницијативи се обидуваат да создадат свесност за ова прашање и да ги променат навиките на луѓето,а она од што треба да се почне за да се намали прекумерната потрошувачка на енергија во куќа или стан, е намалување на загубите на топлина со изолација на ѕидови и покриви, како и инсталирање енергетски ефикасни прозори и врати. После тоа, треба да се одбере ефикасен систем за греење.
Ова го порачуваат од проектот на ЕБОР – WB GEFF, кој се спроведува во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Оттаму наведуваат дека во последниве години, домаќинствата на Западен Балкан инвестираат сè повеќе и повеќе во енергетски ефикасни производи, со цел да заштедат енергија и пари, но и да го намалат загадувањето на воздухот. Една од програмите што ги поддржува домаќинствата во овие напори е Програмата на ЕБОР – WB GEFF.
Според податоците на Програмата на GEFF, во изминатите три години над 4.000 семејства од Западен Балкан, од кои над 1.200 семејства се од нашата земја, ја подобриле енергетската ефикасност на своите домови или станови преку Програмата GEFF. Нашите граѓаните најчесто инвестираат во енергетски ефикасни прозори и врати, котли на биомаса и топлинските пумпи. Вкупната инвестиција е над осум милиони евра.
– За да се намали прекумерната потрошувачка на енергија во куќа или стан, треба да започнете од основите. Ова значи намалување на загубите на топлина со изолација на ѕидови и покриви, како и инсталирање на енергетски ефикасни прозори и врати. После тоа, треба да одберете ефикасен систем за греење. Во наши услови, топлинските пумпи се покажаа како многу добар избор, особено во комбинација со подно греење и/или вентилоконвектори, истакнуваа од проектот.
До сега, Програмата на ЕBRD WB GEFF, како што стои во соопштението, придонесе за намалување на потрошувачката на енергија за 18,000 MWh / годишно и намалување на емисиите на CO2 за 6.300 тони годишно што значи скоро 4.000 автомобили отстранети од улица.
Во просек, наведуваат од проектот, домаќинствата трошат речиси 50 отсто од нивните годишни трошоци за енергија на греење и ладење. Инвестирањето во енергетски ефикасни производи во куќа или во стан (изолација, прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори / сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи, осветлување, вентилација, климатизација, акумулационен бојлер за топла вода ја намалува непотребната потрошувачка на енергија. На овој начин, домаќинствата имаат директна финансиска заштеда. Покрај заштедата на енергија и пари, енергетско ефикасните производите го подобруваат животниот стандард на луѓето и ги намалуваат емисиите на стакленички гасови, како што е јаглерод диоксид.
На пример, додаваат, доколку земеме неизолирана куќа со стари прозори која има површина од 100 квадратни метри, а куќата се грее на електрична енергија, и направиме инвестиција во топлинска изолација на надворешните ѕидови со 10 сантиметри и изолација на кровот со 20 сантиметри, а притоа ги замениме старите прозори со енергетско ефикасни, тогаш можеме да направиме финансики заштеди при греењето до 1.000 евра на годишно ниво. Доколку неизолираната куќа се грее на котел на пелети, и ја направиме истата инвестиција во топлинска изолација и замена на прозори, заштедата на годишно ниво би изнесувала околу 700 евра (земено дека 1 тон пелет = 200 евра)
Посочуваат дека за да може отприлика да се пресметувате заштедите како резултат на инвестирање во енергетски ефикасни технологии, Програмата GEFF има развиено онлајн Калкулатор за заштеда на енергија. Домаќинствата сега можат лесно да ги пресметат заштедите кои можат да ги постигнат со инсталирање различни технологии, во зависност од тоа кој извор на енергија користат. Тие, исто така можат да добијат информации за тоа како нивните активности влијаат врз емисиите на стакленички гасови.
GEFF Програмата овозможува и онлајн каталог на енергетски ефикасни производи – Селектор на технологија, место кое ги обединува сите достапни производи кои се најмалку 20 отсто над стандардните. Сите производи се проверуваат и одобруваат од независни инженери ангажирани од ЕБОР. Програмата е уште попривлечна бидејќи вклучува грант до 20 отсто од Европската Унија. Над 4.000 енергетско ефикасни производи се регистрирани и инвестициите одат директно кај локалните трговци за да се зајакне економијата.
Програмaта за Финансирање на Зелената Економија (GEFF) на Европската Банка за Обнова и Развој, во Западен Балкан обезбедува финансии за секторот за домување како и за бизниси кои обезбедуваат енергетска ефикасност и енергетски обновливи производи и услуги за домаќинствата.
GEFF во Западен Балкан се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP Plus), финансирана од Европската Унија, и реализирана во соработка со Секретаријатот на енергетската заедница. Програмата за техничка соработка во рамките на Фондот е поддржана од Австриското Сојузно Министерство за Финансии и Инвестиционата Рамка на Западен Балкан. Партнерството со донаторите е од суштинско значење за промовирање на зелените технологии и практики со високи перформанси.