За Славески буџетот за 2022 е нереален и се темели врз погрешни проекции

Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, го оцени денеска Предлог-буџетот за 2022 година како нереален и кој се темели на погрешни процени.
На прес конференција Славески истакна дека наспроти очекувањата на Министерството за финансии дека годинава растот на БДП ќе изнесува 4,1 отсто, што е појдовна основа за проекциите за буџетот во наредната година, показателите за третиот квартал упатуваат дека растот во втората половина од 2021 година најверојатно ќе биде низок или можеби негативен.
„Во септември 2021 година растот на индустриското производство изнесува минус 8 отсто додека градежништвото во јули и август забележува двоцифрен пад. Автомобилската индустрија се соочува со сериозни проблеми во синџирите на снабдување. Сето ова упатува дека растот во 2021 година, најверојатно ќе биде значително понизок од предвидениот“, истакна Славески.
Во однос на прогнозите на министерството за финансии за 2022 година за раст на БДП од високи 4,6 отсто, Славески рече дека е малку веројатно дека оваа проекција ќе се оствари.
„Во изминатите пет години од практикување на власта од страна на СДСМ и ДУИ растот на БДП никогаш не надминал 4 отсто. Притоа, нејасно е како ќе се оствари овој раст во услови на големи проблеми во светот со синџирите на снабдување, можната енергетска криза како и се уште присутната здравствена криза. Инфлацијата претставува дополнителен проблем, а во проекциите на министерството за финансии овие проблеми на волшебен начин исчезнуваат во втората половина од 2022 година“, рече Славески.
Според него, ваквите нереални проекции придонесуваат за нереално проектирање на приходната страна на буџетот, како на пример за порастот кај даночните приходи од над 10 отсто, потоа 14 отсто кај Данокот на додадена вредност, на приватната потрошувачка од 3,5 отсто и исто толкав раст на вработеноста. Славески вели дека повисоката цена на нафтата на светските берзи веројатно ќе придонесе за повисоки приливи по основ на ДДВ од увоз но сепак тој смета дека раст од 14 отсто на Данокот на додадена вредност е невозможен.
„Овде се поставува прашањето зошто проекциите за буџетските даночни приходи по основ на данок на добивка и данок на личен доход за 2022 година се поставени на толку ниско ниво (со пораст од само 2,59 отсто и 1,25 отсто, респективно), а имајќи ги предвид проекциите на Владата дека БДП ќе порасне за 4,1 отсто во 2021 година. Би било логично и финансиските резултати на компаниите односно нивните добивки да бидат поголеми од 2019-та година со што и приходите во буџетот по основ на данок на добивка за 2022 година би биле значително повисоки“, рече Славески, прашувајќи дали со вака ниско проектираните приходи од директните даноци, (данокот на личен доход и данокот од добивка), Владата има за цел да ја покрие неспособноста во менаџирањето на Управата за јавни приходи и неефикасноста во справувањето со сивата економија и ниската наплата на даноци.
Во однос на расходната страна, Славески смета дека порастот на платите е арбитрарен и се однесува само на одредени институции.
„Се поставува прашањето по кои критериуми министерството за финансии утврдило кои вработени и во кои институции колкав процент на зголемување на платите ќе добијат. Тоа навистина не е фер кон голем број вработени во државната управа и во јавниот сектор во целина“, рече Славески, додавајќи дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, платите во овие дејности ќе растат со еднаков процент секоја година.
Тој рече дека субвенциите за приватниот сектор се намалуваат како резултат на намалување на потребата за субвенционирање на претпријатијата погодени со мерките од кризата со КОВИД-19. Но овој износ би требало да се рефлектира кај буџетскиот дефицит и истиот да се врати на пред – пандемиските нивоа.
Славески смета дека Владата нема капацитет за реализација на капитални инвестиции, кои според него се планирани на „неверојатни 37 милијарди денари“.
„Највисок износ на капитални инвестиции досега Владата на СДСМ реализирала во 2017-та година и тоа во износ од околу 19 милијарди денари. Денес министерот за финансии нé убедува дека оваа иста Влада ќе реализира 37 милијарди денари капитални расходи. Ова е навистина неверојатно!“, рече Славески, додавајќи и дека во буџетот за 2022 година, не се предвидени никакви средства за помош на ЕЛЕМ и МЕПСО.
Славески исто така смета дека со предложениот буџетски дефицит од 33 милијарди денари ќе продолжи растот на јавниот долг, кој и во моментов е над критичното ниво од близу 60 отсто од БДП.