За Путин нема многу избор и покрај последните воени успеси во Донбас

Иако сака да го споредуваат со легендарните руски градители на државата како Петар Велики, Путин сè повеќе наликува на последниот цар, Николај Втори


Дали и ќе следат нови налози со обвиненија за Владимир Путин

 

Русија Владимир Путин мора да се чувствува прилично задоволен со себе. По неколку месеци лоши вести, неговите сили се чекор поблиску до освојување на Донбас, па дури и британскиот премиер Борис Џонсон признава дека Русите прават „постепен, бавен, но, се плашам, опиплив напредок“, пишува професорот Марк Галеоти, добар познавач на состојбарта во Русија и околните земји, научник кој ги проучува Словените и Источна Европа на Универзитетот во Лондон и кој има напишано 24 книги за Русија, вклучително и биографија на рускиот претседател.

Глобалните цени на храната и енергијата исто така растат благодарение не само на западните санкции, туку и на руската блокада на Црното Море и затворањето на меѓународните гасоводи. А Хенри Кисинџер, дипломат познат по своите реални ставови, предложи, во име на мирот, на Москва да ѝ се дозволи да задржи некои од освоените територии.

Овие факти може да шокираат некого, но навистина не е изненадувачки што Русите постигнуваат одреден напредок. Секоја прослава во Кремљ исто така не би била на место: Русија сè уште губи и, парадоксално, одреден краткорочен успех може да го остави Путин во уште полоша позиција на долг рок. Многу се зборува за руските загуби, но и Украинците се истоштени, а оружјето испратено од НАТО не може да ги опорави уморните или да ги врати мртвите.

Дополнително, бидејќи првично мораа да ја следат аматерската стратегија на Путин, на руските генерали сега им е дозволено да се борат на начинот на кој нивната армија планираше: жестоки артилериски напади и тешко гранатирање.

Јасно е дека Путин се надева дека ќе го освои целиот регион на Источен Донбас, но неговите генерали се веројатно попрагматични и само сакаат да воспостават одбранбена линија на фронтот и да ја задржат. На крајот, нивните напади наскоро ќе бидат исцрпени и нема докази дека Москва може да обезбеди доволно војници и опрема потребни за нов напад некаде во блиска иднина. Наместо тоа, генералите се надеваат дека ќе ја искористат одбраната за да ги задржат Украинците на растојание, без разлика што им праќа Западот.

Со други зборови, во најдобар случај за Русија, тие ќе го задржат тоа што го имаат. Но, што тогаш? Јазикот на Путин секако се промени откако беше оптимист на почетокот на војната. Од 9 мај, кога во говорот на Денот на победата навести дека војната ќе биде подолга и потешка од планираното – обвинувајќи го Западот и неговото мешање – тој сега, барем во однос на реториката, се закопува во долготраен конфликт.

Избегнување на одлуки

Во исто време, сепак, тој бега од тешките одлуки потребни за да остане во борбата на долг рок. Ова е класичниот Путин: кога сите опции изгледаат болни, тој се обидува да избегне каков било избор.

Понатамошниот напредок во Донбас би значел подолги линии на одбрана против неизбежниот украински контранапад, а на руската војска едноставно ѝ недостасуваат луѓе. Тоа значи и повеќе територија каде што ќе треба да го контролираат лутото локално население кое веќе се свртува кон саботажа и герилска војна. Имајќи предвид дека Националната гарда, милитаризираната служба за внатрешна безбедност на Русија, веќе е испратена во првите редови, ова е дополнителен товар за веќе преоптоварените сили.

Украина целосно се мобилизираше, но руските генерали сè уште се обидуваат да се справат со мирнодопската армија. Тие веќе имаат повеќе од 15.000 мртви, а ако ја примениме вообичаената пресметка на модерното војување, може да се претпостави дека уште најмалку 45.000 војници се надвор од машината поради повреди и болести.

Ако Путин каже дека оваа „специјална воена операција“ е всушност војна, тој би можел да мобилизира резерви. Нема шанси армијата да апсорбира повеќе од 100.000 – 150.000 војници, а тие би биле вооружени со постаро оружје и нивната обука во најмала рака би била сомнителна. Сепак, толку голем број на свежи нови единици несомнено би имал влијание врз ситуацијата на бојното поле и би можела да има уште една офанзива.

Можеби ќе бидат потребни три месеци за да ги доведат во борбена готовност, а јавниот отпор веројатно ќе биде силен. Така, Путин се колеба, резервистите се загрижени, генералите се бесни, а времето истекува за подготовка за нова офанзива пред есента да ги отежни работите.

Повторно, недостатокот на стратешко размислување на Путин може да значи дека она што сега изгледа како успех носи со себе долгорочни ризици.

Руски војници во Мариупол (Фото: АП)

Треба да се земе предвид неговата неодамнешна понуда во телефонскиот разговор со италијанскиот премиер Марио Драги за укинување на блокадата на украинските пратки со жито – но само доколку се укинат „политички мотивираните западни санкции“. Истото тоа им го понуди и на францускиот претсдетел Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц. На прв поглед, ова беше можност за него да се претстави како човек со одговор на зголемените цени на храната кои предизвикуваат тешкотии на Запад и потенцијална глад во Африка.

Сепак, тоа беше исто така признание дека руските сили во Црното Море го блокираат житото. Во тој процес, тој го поткопува она што беше еден од успесите на руската (и кинеската) пропаганда на глобалниот југ: убедувањето на гладните нации дека виновни се западните санкции.

Тоа е исто така доказ дека додека некои маргинални руски коментатори сугерираат дека Западот не може да се справи со зголемените цени на храната, Кремљ сфаќа дека нема да го принуди Западот така лесно да се повлече.

Војна во ќор-сокак

Спротивно на тоа, западните санкции веќе ѝ нанесуваат огромна штета на руската економија. Економската војна не е брза, но дури и утре да се укинат санкциите, нивните ефекти ќе траат со години – дури и децении. Путин потроши 20 години создавајќи ја армијата што сега ја потроши во Украина. Со економија која би можела да се намали за можеби повеќе од една четвртина оваа година, и со блокиран пристап до западната технологија, ќе биде потребно барем толку долго за да се поправи штетата.

Тоа значи и дека ако се обиде да ги задржи териториите што ги окупирал, нема средства да ги обнови нивните опустошени градови. Она што се троши таму ќе мора да оди на штета на руските региони кои веќе го чувствуваат притисокот од економската криза.

Путин во никој случај не е воен експерт, и покрај тоа што одлучил да микро-менаџира со оваа војна. Само гледајќи ги мапите на напредокот, неговата очајна потреба оваа акција да биде успешна може да го натера да помисли дека работите одат по неговите желби. Но, тие не одат. Иако сака да го споредуваат со легендарните руски градители на државата како Петар Велики, тој сè повеќе наликува на последниот цар, Николај Втори. Царот Никола сметал дека Првата светска војна е можност да се зајакне себеси и својот режим, па се нашол на чело на земја во војна во која не можел да победи. Притоа, тој си пресуди себеси и на својата династија.

Исто така, Путин би можел да стане жртва на заводливата надеж дека некој вид на значителна победа е неизбежен. Дека Украинците ќе бидат подготвени да ги прифатат неговите услови со „уште еден притисок“ или Западот ќе се откаже од својата поддршка за Украина.

Русија го добива најлошото од двата света. Нивниот лидер е премногу непостојан за да носи тешки одлуки, но и премногу заведен за да препознае кога е време да ги намали загубите.

Засега војната оди во ќор-сокак. Нема индикации дека Украинците – што и да рече Кисинџер – на кој било начин се подготвени да направат големи отстапки што Путин сè уште ги бара. Навистина, по ужасниот масакр во Буча и зачудувачката решителност во одбраната на Мариупол, сомнително е дека, и покрај неговата сегашна популарност, Володимир Зеленски воопшто би можел да им го вети тоа.

Изолиран во кругот на пријатели и полтрончиња, очаен да го спаси своето наследство и игнорирајќи ја штетата што им ја нанесува на Русија и на рускиот народ, Путин повеќе не е подготвен да прави отстапки. Се чини дека ќе бидат потребни повеќе загуби на бојното поле, уште повеќе мизерија и гнев дома, повеќе незадоволство во елитата пред да сфатат дека ќе мора да се откажат.

Како што вели еден функционер од среден ранг кој веќе го извлекол своето семејство од Русија, „Сите знаат дека оваа војна е катастрофа, освен единствениот човек кој би можел да ја прекине“.

Сепак, Путин сам нема да мора да прифати дека ова ќе биде долго и тешко патување. Живееме во ера на моментално задоволство и додека во јавноста Западот продолжува да е обединет во својата поддршка за Украина и казнувањето на Путин, зад сцената се првите знаци на „украински замор“.

Исто така, Западот не смее да биде заведен од истата заблуда дека најновиот притисок – уште една економска санкција или уште еден предлог за преговори – ќе доведе до брзо завршување на конфликтот. Наместо тоа, тој мора да продолжи да покажува единство, да нуди воена и економска поддршка на Украина и да се подготви најдобро што може за економската штета и политичките превирања што ќе ги претрпи како резултат на тоа. Војните, дури и економските и политичките, имаат своја цена.