За некои не може, но дронот на Орце за ѓубрето може да лета без дозвола


Камион со нови метли за акцијата на Орце Ѓорѓиевски (Фото: Б. Грданоски)

 

Дронот што ги снимаше панорамските кадри од акцијата за чистење на Скопје не бил пријавен за лет во Агенцијата за цивилно воздухопловство, покажуваат јавно достапните податоци на оваа институција.

Правилата налагаат секое летало што лета на македонското небо, претходно да биде регистрирано заедно со неговиот оператор, а летот претходно да биде најавен во системот, пишува „Призма“

Во други случаи, кога правилата биле прекршувани, Агенцијата за цивилно воздухопловство реагирала со опомени, а МВР повикувало новинари и фотографи на информативен разговор.

На 6 ноември вечерта, паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ наликуваше на импровизирана база за „спасување“ на градот од ѓубре. Фаровите на десетици камиони и ротациите на комуналните возила го осветлуваа просторот. Возилата беа во готовност. Над нив – кружеше дрон.

Првите панорамски кадри од „големата акција за чистење на Скопје“, прв ги објави премиерот Христијан Мицкоски, вечерта на 6 ноември, во 20,42 часот, на својата официјална страница на Фејсбук, а следниот ден сподели и видео.

Истиот ден на профилот на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски се појавија и други фотографии – повторно од воздух, со кадри од автобуси на приватните превозници. Во неделата, Ѓорѓиевски пушти видео во кое дрон ги снима багерите како го чистат коритото на Вардар.

Дел од јавноста, на социјалните мрежи ги искоментира овие снимки како пиар-порака. Но, овие фотографии и видеа отворија други прашања – кој го леташе дронот со чии снимки се пофалија и премиерот и скопскиот градоначалник и дали летот бил најавен, како што налагаат прописите.

За да се направат снимки од воздух има строги правила. Операторот на леталото мора да полага испит, а леталото да биде регистрирано во Агенцијата за цивилно воздухопловство. Секој лет треба претходно да се најави. Но, вечерта, кога почна акцијата, таков лет нема пријавено, ниту, пак, во следните денови.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојановски за „Призма“ изјавил проверките може да се прават додека летот е во тек – и дека подоцна тоа е речиси невозможно.

Освен дозволата за летање, мора да е регистриран и самиот дрон во агенцијата. Со тоа добива регистарска ознака, слично како регистарските таблички на автомобилите. Таа ознака мора да е залепена на секое летало.

Овој случај покажува различен пристап на државата кон регулирањето на летовите со дронови во земјава.

Во март годинава, новинари на Ројтерс и ТВ21 беа задржани во полициска станица затоа што снимале со дрон за време на протестот во Скопје, организиран поради трагичниот пожар во дискотеката „Пулс.“