За министерката Ангеловска прифатливо е зголемување на акцизата за дериватите
Министерката за финансии Нина Ангеловска, се согласува со предлогот на Стопанската комора на Македонија да се згголеми акцизата на нафтените деривати за два денари.
„Тој предлог е на маса, изотвуваме предлог-уредба“, рече денес Ангеловска на прес конференција по средбата со претставници на Угостителската комора, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа додаде дека Владата е колективен орган кој носи одлуки, но како Министерство за финансии ги кажуваат нивните предлози.
„Ги земаме во предвид пресметките и фискалните импликации. Предлогот беше да се зголеми акцизата на нафтените деривати за два денари. Заедно со Царинската управа работиме конкретно на предлогот и наскоро ќе излеземе со точна информација“, рече Ангеловска, и дополни дека ќе настојуваат да се прифати предлогот на Стопанската комора.
„Сметаме дека предлогот е оправдан во услови кога има голем пад на цените на нафтата и кога има и намалена побарувачка“, рече Ангеловска.
Од Стопанската комора на Македонија вчера излегоа со анализа во која предлагаат постојната акциза за безоловен бензин да се зголеми за два денари на износ од 23,692 денари, акцизата за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво) да се зголеми за два денара на износ од 17,121 денари, додека акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) да се изедначи со акцизата за дизел горивото, односно да изнесува 17,121 денари.
„Со предложените мерки, во просек во државниот буџет, по основ на акцизи и ДДВ од продажбата на нафтените деривати, на месечно ниво би се прибрале средства поголеми за 3,8 милиони евра, односно 46,2 милиони евра на годишно ниво“, се вели во анализата.
За дел од дистрибутерите, како на пример за „Макпетрол“, предлогот е прифатлив. Од Регулаторнаата комисија за енергетика изјавија дека акцизитте се во надлежност на Министерството за финансии, но се за изедначување на акцизата за екстралесното гориво со акцизата на дизелот.
Против се од Асоцијацијата на камионски превозници Макам-транс. За нив е неприфатлива, нерационална и несолидарна мерката што ја предложи Стопанската комора на Македонија за зголемување на акцизата на горивата, со што би можело да се соберат што поголеми средства во Буџетот и би се надминале проблемите со недостаток на средства за помош на целото стопанство.
Мак-транс денеска побара Владата да не ја прифати предложената мерка, оценувајќи дека таа нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат, а тоа, истакнуваат, може да е иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали и средни трговски друштва и земјоделците.