За Мицкоски обраќањето на Марко Рубио било „исклучително инспиративно“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на Минхенска безбедносна конференција се сретна со холандскиот премиер, Дик Схоф и Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет, а присуствуваше и на обраќањето на американскиот државен секретар Марко Рубио.
Со холандскиот премиер Схоф Мицкоски, како што рече во својата изјава, разговарале за три важни работи за Македонија.
„Првата е што ние се наоѓаме во истата конституенца заедно со Холандија во СБ и ММФ. Под два, тоа се холандските инвестиции во Македонија, но и соработката со мултинационалната компанија ‘Филипс’ и можноста за соработка во здравствениот сектор. И трета тема која што ја разговаравме – евроинтегративните процеси на Македонија во рамките на Европската унија“, изјави Мицкоски. Со Тед Дојч разговарале за глобалните безбедносни предизвици и за мирот.
Обраќањето на Марко Рубио тој го нарече „исклучително инспиративно“.
„Обраќање на коешто тој уште еднаш потенцираше за глобалните светски предизвици пред сѐ безбедносни, но и за нераскинливата врска помеѓу Европа како континент и Америка како континент, или да бидам попрецизен, како што тој ја нарече Америка – дете на Европа. Она што тој го порача и беше негова главна порака е дека како партнери и како пријатели треба да продолжиме да соработуваме во светот, и не само во рамките на НАТО алијансата, туку и заедно да ги решаваме сите безбедносни предизвици, но и економски предизвици кои што се исправени пред нас како два различни континента – Европа и Америка“, рече Мицкоски од Минхен.