За месец и половина 145 вакцинирани починале од Ковид-19
Во периодот од 6 август до 23 септември во земјава се регистрирани 32.818 граѓани позитивни на Ковид-19, а од нив 22 отсто биле целосно вакцинирани, односно 7.248 лица, додека 25.570 лица или 78 отсто не биле вакцинирани, објави Министерството за здравство (МЗ). Инаку, за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и од кои поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза
„Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 80 отсто, додека 20 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.08 до 23.09.2021 на територија на државата починале 1.033 лица со Ковид-19, 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14 отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на Модерна и Џонсон“, стои во соопштението на МЗ.
Оттаму повторно укажаа на важноста од вакцинација, односно, посочија дека секоја вакцина која е на располагање е безбедна.
Дополнително, тие ги повикаа граѓаните да се вакцинираат, односно дека само така ќе се постигне колективен имунитет и ќе се спречи ширењето на мутации на коронавирусот.