За измените во Кривичниот законик не знаеле ни Судскиот ни Советот на ЈО
Претседателите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители денеска изјавија дека не биле консултирани за измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување.
„Наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, немавме свое учество односно мислење како Судски совет. Целисходно и правилно би било да имаше една транспарентна постапка каде ќе се слушнеше и нашето мислење по однос на какви било измени“, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.
Според него, судиите се сведени на тоа каде се должи да го почитуваат закон таков како што е, но без претходно да се анализираат сите евентуално последици врз основа на аргументирани состојби и на конкретни предмети.
И до Советот на јавни обвинители измените не биле доставени за мислење. Или доцни со достава или не знам како е, важно е дека ние не ги добивме, вели првиот човек на ова тело Антонио Јолевски.
„Најдобро би било да одговорат практичарите односно Јавното обвинителство бидејќи тие по хиерархија и субординација се практичарите кои ги работат предметите и најмногу можат да извадат анализа како ќе се одрази врз нивното работење ваквата измена на Кривичниот законик“, рече Јолевски, па и тој се пожали дека немало поголема транспарентност.