Драма околу ЗЕЛС: Орце Ѓорѓиевски побара од Костадинов и Јакимовски „да се вразумат“

Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ) ги повика градоначалниците на Струмица и Карпош да разговараат со него ако навистина имало проблеми


Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ), градоначалник на Кисела Вода

 

Градоначалникот на Струмица дознал од медиумите дека неговата општина не добила пари од унгарскиот кредит. Претседателот на ЗЕЛС исто така дознал од медиумите дека Струмица ја напушта организацијата на локалните самоуправи.

Иако изгледа дека заминувањето на една општина од ЗЕЛС и најавата на втората (Карпош) изгледа како мала политичка битка, тоа денеска предизвика своевиден политички земјотрес затоа што на сцената е поставена играта дека ЗЕЛС и неговиот претседател Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ) од Кисела Вода наводно се поставени да играат партиска игра. Сѐ се врти околу проблемот со водата за пиење во Струмица, која поради загадувањето со манган на браната Турија (од каде градот се снабдува со вода) е во прилично комплицирана ситуација. Општина Струмица и градоначалникот Костадин Костадинов (СДСМ) тврдат дека надлежните институции намерно издаваат резултати за наисправност на водата за да се зголеми револтот на струмичани, иако локалното комунално претпријатије во 16 анализи потврдило дека водата е исправна.

„Искрен да бидам, за ваквата нивна одлука дознав од медиумите. Не сум бил известен ниту јас, ниту пак до ЗЕЛС има стасано било каков допис од двајцата градоначалници. Сметам дека обвинувањата на колегата Костадинов се несериозни, бидејќи до сега не сме дозволувале политиката, а особено дневната политика да се меша во работата на ЗЕЛС и секогаш сме пристапувале да се водиме од интересите на граѓаните. Жал ми е што од страна на двајцата мои колеги досега не сме биле известени за некаков проблем со било кој од централната власт за да можеме да делуваме и да помогнеме во процесот, ако имало реален проблем. И понатаму вратите на ЗЕЛС им се отворени за да седнеме и да најдеме решение за проблемите, ако навистина ги има“, вели Ѓорѓиевски.

Тој верува дека „ќе надвладее разумот“ кај Костадинов и Стевче Јакимовски (ГРОМ).

Потегот на двајцата градоначалници во изјава за медиумите попладнево Ѓорѓиевски го оцени како несериозен затоа што, како што рече, едниот ја соопштил одлуката преку социјални медиуми, а другиот преку прес-конференција без претходно како претседател на ЗЕЛС да биде информиран. 

„За да се пристапи кон одредена изјава или одредени обвинувања, особено кон ЗЕЛС, треба претходно да се седне и да се разговара. Апелирам до двајцата колеги да се вразумат и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези, затоа што Орце не може самоиницијативно да одлучи како градоначалник на Кисела Вода да ги стави во заложништво сите граѓани повлекувајќи личен потег или потег побуден од различна политичка причина или понуда“, рече Ѓорѓиевски. 

Според Ѓорѓиевски, одлуката за влегување или излегување од ЗЕЛС носи Советот на општината.

Тој додаде дека се обидел да стапи во контакт со градоначалникот на Струмица, но безуспешно, а со градоначалникот на Карпош стапил во контакт. Јакимовски, како што изјави Ѓорѓиевски, му кажал дека има проблеми со одредени министри, а на прашањето дали се обратил до ЗЕЛС за ова, одговорил дека мора некако да реагира затоа што има проблем со централната власт. 

Градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски

За министерот за локална самоуправа Златко Перински, ваквиот потег на општините Струмица и Карпош, не е решение затоа што најмногу губат граѓаните. Перински  рече дека секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС му штети и на ЗЕЛС и на сите општини.
 
„ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме“, изјави Перински.

Златко Перински – министер за локална самоуправа (Фото: Б. Грданоски)

Од Општина Струмица денеска официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит, соопштија денеска од локалната самоуправа откако синоќа ваквата одлука ја најави градоначалникот Костадин Костадинов. 

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов

Градоначалникот на Општина Карпош на денешната прес конференција најави дека општина Карпош може да ја напушти ЗЕЛС поради големи притисоци од страна на централната власт.

„Но јас сум сепак, за да седнеме и да разговараме. Мене ме побара колегата Орце Ѓорѓиевски. И побара да се сретнеме. Да сакам да се сретнеме и треба да се сретнеме, затоа што вака не можеме да функционираме“, изјави Јакимовски, кој очекува средбата да се случи денеска. (Н.В.)