За Гаши однесувањето на СДСМ е инаетење, и без нив ќе било законско укинувањето на техничката влада
За укинувањето на технчката влада најдобро е ситеда се договориме, но ако тврдоглаво се стои зад одреден став, тоа треба да се аргументира, изјави денеска Африм Гаши, претседател на македонското Собрание.Според него, дури и да опстои СДСМ во ставот дека не ја поддржува оваа измена на Законот за влада, таа може да се донесе и постапката ќе биде законска.
„Ако се случи укинувањето на техничката влада легално ќе биде во ред, но дали ќе биде политички коректно, е друго прашање“, рече Гаши.
Неговиот одговор уследи по информацијата дека министерот за јавна администрација, Горан Мичев, можеби уште оваа недела до пратениците ќе достави предлог текст за измени на Законот за Влада, во кој се прецизира каде опозицијата ќе има дополнителни заменици министри и дека техничката влада ќе важи само уште за следните парламентарни избори.
„Законот не забранува промената да се прави преку закон. Но, мислам дека би било подобро заедно да се договориме околу тоа. Ако се сака инаетчиски и тврдоглаво да се застане зад еден став, тогаш тоа треба да се аргументира“, рече Гаши.
На новинарско прашање дали под терминот „инаетчиски“ мисли на однесувањето на СДСМ Гаши одговори дека мисли на сите.
„Не мислам на СДСМ туку воопшто. Силата на аргументите треба да биде решавачка, а не партиски интереси“, нагласи Гаши.
Околу контроверзниот предлог за член на Комисијата за антидискриминација, кога кандидатката блиска до ВЛЕН, Џихан Ахмет, покажа скандалозна некомпетентеност во Собранието и по јавните реакции се повлече, Гаши се обиде да даде генерален одговор, во смисла дека многу се спуштени стандардите околу квалификациите во државата и сите треба да се трудиме да ги подобриме, вклучувајќуи го и тоа и самите да се преиспитаме дали имаме квалификации за одредена позиција. Тој притоа се оправда дека камндидатите за членови на оваа комисија се бирани на јавен конкурс, а не како предлог на партиите, на што новинарите забележаа дека Ахмет јавно се заблагодари на Изет Меџити, дека е општо познато како се избираат ваквите членови и дека без партиска поддршка не можат да пројдат , со сугестија – кога веќе предлагаат партиски кадар, да биде барем квалификуван.
Околу измените на изборниот законик Гаши соопшти дека упатил барање до политичките партии да именуваат членови на работната група што ќе работи на нив, но не можеше да каже дали ќе се пишува нов или само ќе се менуваат некои одредби.
Околу анкетната комисија за Кочани, за која се кршеа копја меѓу партиите кој треба да ја свика и кога, испадна дека веќе нема никаков интерес да се одржи, со префрлање на одговорноста од претседателот на Собранието на партиите и обратно, во смисла дали треба формално да ги извести дека се формира за да номинираат членови или сами треба да го направат тоа. (С.Ј.)