За Галетановски „приказни за мали деца“ се тврдењата дека овците се отруле од Свето дрво


 Ѓорги Галетановски, поранешен директор на Зоолошката градина во Скопре, која во време на неговиот мандат бележеше значителна модернизација и подобрување на животните услови на станарите на градината е затекнат од веста дека берберските овци се отруле од Свето дрво. Тој бара да се запре со шпекулации се додека Агенцијата за храна и ветеринарство не си ја заврши работата и не излезе со официјални податоци за немилиот настан.

– Ако постои такво фатално отровно растение, и во моите три години мандат не дај Боже ќе угинеа животни! Во Зоолошката градина има човек со работно место биолог  кој ги знае и контролира растенијата во ЗОО, како и квалитетот на храната! Доколку знаеле дека има на дофат такво отровно растение ќе го отстраниле со време за да се превенираат вакви настани.
Така што, се ова кое сега се пласира во јавност од страна на институцијата се приказни за мали деца, тврди Галетановски и додава дека според негови сознанија угинале дури седум животни.

Галетановски вели дека тој исто така во голема мера има замерки на нетранспарентноста на институцијата, и сметал дека директорот на Зоолошката, Зоран Попов, треба да ја информира јавноста за сите случувања, а не да чекаат шест дена кога веста излезе во јавноста.

– Јас им замерувам што повторно не се транспарентни, односно директорот е тој што треба да е транспарентен, и не му треба никаква дозвола од Град Скопје за да информира јавност. Но, веќе му стана пракса градот да му биде изговор, а јас лично не знам ниту дали тој оди на работа!
Да не шпекулираме додека АХВ не си ја заврши работата! Тоа лесно се докажува, како и дали животните се отруле! Тие животни се хранат со сено набавено на тендер и не знам зошто би јаделе отровни дрва! Надлежните можат да почнат со проверка на мониторинг камерите, беа нови и јас ги ставив за време на мојот мандат, порача Галетановски.

Во градината во 2023 година угинаа три Пржевалски коњи, редок и загрозен вид. И тогаш се молчеше за случајот и не се одговараше на новинарски повици и пораки, под образложение дека се чекаат резултати од обдукцијата. Истите покажаа дека коњите биле отруени со разорен отров, а камерите во близина на нивното живеалиште наводно биле расипани и не снимале. До денес не се откри кој ги откри Пржевалските коњи.