За финансиите во Ватикан ќе се грижат жени


Папата Франциско назначи дури шест жени експерти во новиот состав на Економскиот совет, меѓу кои и поранешен благајник на принцот Чарлс и поранешен министер во владата на Тони Блер.

Поранешниот благајник на принцот Чарлс и поранешен министер за образование и транспорт во британската влада на Тони Блер, се меѓу шесте жени избрани од папата Франциско во новиот состав на советот што ги надгледува финансиите на Ватикан.

Ова е првпат жени експерти од деловни, банкарски и академски кругови да бидат назначени во Економскиот совет формиран во 2014 година, што е знак дека поглаварот на Римокатоличката црква го исполнува ветувањето за промовирање на родовата еднаквост во администрацијата на Ватикан.

Во ова 15 члено надзорно тело, со кое ќе претседава минхенскиот надбискуп и кардинал Рајнхард Маркс, вклучува две Британки, Лесли Ферар, која седум години се грижеше за финансиите на принцот од Велс и Рут Кели, поранешна најмлада министерка во владата на Блер и припадничка на католичката организација „Опус Деи“.

Меѓу експертите кои избрани во Економскиот совет се и професорката по германско јавно право Шарлот Кројтер-Кирхоф, истакната банкарка од Берлин Марија Колак, но и две успешни деловни жени од Шпанија, Ева Кастиљо Санц и Марија Консепсион Оскар Гараикоече.

До неодамна, највлијателните жени во најмалиот град-држава во светот беа Барбара Јата, директорка на музеите во Ватикан и Кристијан Мари, заменик-шеф на канцеларијата за односи со јавност.

Тој нов, прогресивен ветер кој почна да дува во Ватикан се почувствува минатата година, кога папата Франциско ги назначи првите четири жени како советнички на Синодот на бискупите, институција основана пред половина век.

Во јануари, папата направи голем исчекор кога ја назначи првата жена на висока позиција во државниот секретаријат на Ватикан, во кој традиционално доминираат мажите.

Италијанката Франческа ди Ѓoвани ја презеде новоформираната канцеларија за односи со државите и со тоа практично стана еден од двајцата заменици началници на дипломатијата на Светата Столица и надбискупот Пол Галагер.

Благајната на римската Курија не е во најдобра состојба, не само затоа што приходите од билети за музеите во Ватикан се намалени годинава заради пандемијата со корона вирусот, туку и заради низата финансиски скандали во кои беа вклучени влијателни кругови во Католичката црква.

Со цел да се запрат разгранетите и добро воспоставени канали преку кои парите од касата во Ватикан се одлеваа во џебовите на мафијата, блиски роднини и пријатели, римскиот понтиф на 1 јуни донесе нов закон за борба против корупцијата.

Во иднина, профитабилните работи ќе се доделуваат врз основа на строго контролирано јавно наддавање. Воспоставувањето на централизирана контрола врз договорите за набавување стоки и услуги треба да расчисти со старата практика според која конгрегациите и канцелариите на Ватикан ги склучуваа овие трансакции според нивно убедуваање.

Реформата доаѓа по големиот финансиски скандал – неуспешна инвестиција во луксузни недвижности во центарот на Лондон, која фрли сенка над врвот на Католичката црква.