За четири дена фатени 234 возачи кои возеле без возачка дозвола


Фото: Б. Грданоски

Во текот на изминатите денови, односно во петокот и деновите од празничниот викенд – 28, 29, 30 и 31 март во рамки на редовните сообраќајни контроли на територија на цела држава полицијата издала 2.508 платни налози за сторени прекршоци, како по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, така и по основ на Законот за возила.

-Така, заради непрописно паркирање издадени се 425 платни налози, по основ на непочитување на пропишаната брзина на движење 959 прекршоци, а пак по основ на непоседување возачка дозвола регистрирани беа 234 прекршоци, информираат денеска од МВР.

Исто така, евидентирани се 173 прекршоци заради неносење сигурносен појас, 50 прекршоци заради користење на мобилен телефон при возење, 14 возачи минале на црвено светло, а изречени се и 48 санкции за возење под дејство на алкохол.

По основ, пак, на Законот за возила во посочениот период од сообраќај се исклучени 74 возила од кои 24 заради техничка неисправност, а 50 заради тоа што биле нерегистрирани.

Од МВР Најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.