За Британија, Коридорот 8 е од круцијална важност


Стјуарт Пич

 

Специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Стјуарт Пич, зборувајќи на воената вежба „Austere Wolf – 24“ во Албанија изјавил дека Коридорот 8 има стратешко значење, бидејќи патиштата, пристаништата, инфраструктурата се многу важни затоа што ѝ овозможуваат на Алијансата побрзо движење.

Говорејќи на настанот DVDay (Distinguished Visitors Day) – Денот на високите гости на заедничката воена вежба меѓу албанските и британските трупи, рекол дека „со војната што се случува во Украина, важно е да се потсетиме на важноста на безбедноста во Европа“.

„Ова изгледа како мала активност, бидејќи разбрав дека дел од албанската војска ќе оди во Газа, така што со овие посебни капацитети што ги имаме во нашата и во вашата земја, мора да соработуваме за да ја разбереме географијата на нашиот континент“, нагласил Пич пренесуваат албанските медиуми.

„Соработуваме со албанските воени сили 100 години, тоа е долга историја на соработка и среќни сме што гледаме кадети Албанци кои добиваат дипломи во Велика Британија и продолжуваме да работиме заедно со сè што не обединува. Како поранешен шеф на комитетот во НАТО, ќе нагласам дека работиме заедно во повеќе насоки. Веќе нема доктринални граници и сè е под чадорот на зборот одбрана“, изјавил Пич.

Началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили, генерал-мајор Арбен Кинѓи изјавил дека развојот на пристанишните капацитети на Албанија ќе се решава преку инвестирање во новото пристаниште Порто Романо, кај Драч.

„Со оглед на капацитетите и протокот на сообраќај што ги нуди Коридорот 8, евидентна е потребата од развој на пристанишните капацитети, што ќе се реши преку инвестицијата во новото пристаниште Порто Романо. Ова пристаниште ќе нуди капацитети за истоварување и сместување на единици до ниво на бригада и услуги за одржување, снабдување и складирање“, најавил Кинѓи, наведува АТА.