За битолскиот хирург се бараат уште 30 дена притвор


Болницата во Битола

 

БИТОЛА – За битолскиот хирург кој е осомничен за примање на поткуп од пациентка се бараат уште 30 дена притвор, потврдуваат за „Независен“ од ОЈО Битола. Хирургот долго време беше раководител на одделот за Хирургија во Битолската клиничка болница и важеше за еден од најпродуктивните и најстручните хирурзи во градот.

Хирургот кој е на 64-годишна возраст, на 28 јануари беше пријавен во полиција од семејство од битолско, дека за операција на жолчно ќесе врз пациентка побарал 150 евра за извршената хируршка интервенција за наводно да се „почести“.

Судот првично му определи притвор од 8 дена, а сега се бараат дополнителни 30 дена.

Хирургот е сместен во притворското одделение на битолскиот затвор „Црн Мост“.  

Од ОЈО Битола потврдуваат дека предлог за продолжување на мерката притвор е поради опасност од бегство. И првично кога хирургот доби 8 дена притвор, обвинителството предупреди на истите околности – опасност од бегство. 

„За осомничениот против кого се води постапка за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 3 и став 2 од Кривичниот законик, продолжена е мерката притвор за уште 30 дена.  Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на мерката притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство“, потврдија од ОЈО Битола за „Независен“.   

ОЈО Битола во описот на делото наведе дека  – „Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите.“

Веднаш по приведувањето на хирургот, Битолската болница го смени од раководната функција и во консултација со Министерството за здравство го суспендира од работа, а од раководството на болницата изјавија дека се оградуваат од постапката на посочениот доктор. (А.Б.)