За амбасадорот Гир носењето деца од „Битолски Монмартр“ во Бугарија бил поединечен случај
БИТОЛА – Евроамбасадор во нашата земја Дејвид Гир вели „ја знам приказната и не навлегувам во тоа“ за носењето на деца, од „Битолски Монмартр“ во Бугарија на средби со државниот политички врв и претседателот Румен Радев. Бидејќи не ги знаел сите факти, Гир не сака да дава оценка за случајот кој го класифицира како „поединечен“.
Амбасадорот, сепак, порачува дека и двете соседни земји Македонија и Бугарија мора да работат во духот на довербата, а ваквата размена на деца да придонесе во подобро разбирање помеѓу граѓаните од двете соседни земји.
„Не можам да коментирам на поединечни случаеви. Од гледна точка на ЕУ, тоа што ние би сакале да го видиме е двете соседни земји да имаат најдобри односи. Овие добри релации се разбира дека ќе носат придобивки во контекст на самата економија, на самата стабилност, се разбира на благосостојбата на квалитетот на животот на граѓаните коишто живеат еден до друг.
Не можам да коментирам поединечни случаи затоа што не ги знам сите факти, сите делови од оваа посета, меѓутоа мислам дека генерално, и што е најважно, е двете земји да работат во духот на довербата. Се разбира дека таквите размени, се секогаш добри, секогаш се добра идеја затоа што придонесуваат кон поголемо разбирање помеѓу луѓето“, одговори амбасадорот Гир на прашање на „Независен“, при денешната посета на Битола, во Офицерскиот дом каде беше на промоција на европски проект за почист воздух.
Основното јавно обвинителството од Битола веќе отвори предмет и ги проверува наводите за носењето на деца од „Битолски Монмартр“ кај бугарски политичари по известувањето на МВР.
„Битолски Монмартр“ во неколку наврати при посетата на Бугарија однесе малолетни деца на средби со политичари меѓу кои Симеон Втори и актуелниот претседател Румен Радев. Децата беа фотографирани со политичарите и објавени во бугарски и овдешни медиуми, без за тоа организаторите да имаат дозвола од родителите. Единствена дозвола од родителите, потпишана на нотар е таа за преминување на границата.
На ова со силна критика се одѕва Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ со напомена дека децата се искористени „како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“. (А.Б.)