За Александар Николоски само Жан-Клод Јункер бил чесен, сите други по него во ЕУ биле нечесни

Вицепремиерот не верува во ветувањата на еврокомесарката за проширување Марта Кос


 

Вицепремиерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николски, вечерва ги нареди во графата „нечесни“ сите политичари кои дојдоа на чело по поранешниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер по неговото заминување во 2019.

Тој не верува ниту во ветувањата на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос дека ЕУ има реален пристап кон проширувањето.

Николоски вели дека чекањето за почнување на преговорите со ЕУ има корист, а тоа е националната гордост.

„Користа од чекањето е зачувување на националната гордост. Никој не е наивен да влегува во играта на Бугарија на бескрајни условувања и бескрајни вета. Ако е ова последно да разговараме, а ако не е последно не сме наивни уште еднаш да страдаме и да имаме проблеми. Јас стојам зад тоа што сум го зборувал дека проблемот е малку поголем од тоа што се претставува во јавност, а проблемот е стратешката одлука на големите земји членки повеќе од десет години да нема проширување. Последниот политичар којшто беше чесен во однос на процесот, беше политичар којшто од овие другиве коишто се нечесни беше исправен. А тоа е Жан Клод Јункер којшто беше претседател на ЕК. Тој беше доволно чесен да ни каже на сите дека проширување нема да има“, рече Николоски во гостувањето во „Само интервју’’ на Канал 5.

Жан-Клод Јункер ја даде изјавата за пауза во проширувањето во 2014 година, што значи дека таа „пауза“ завршува на крајот од годинава.

Неколку години подоцна, во 2018, Јункер во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент за „Состојбата на ЕУ“ рече дека „мораме да го дефинираме на неотповиклив начин нашиот однос кон зачленувањето на земјите од Западен Балкан, во спротивно други ќе го обликуваат нашето непосредно соседство“.

Во својата оценка дека земјите од регионот се заглавени Николоски рече:

„Гледате што ѝ се случува на Србија, таа доби вето. Грција веќе најавува вето за Албанија. Црна Гора преговара, заборавивме од кога. Турција преговара, заборавивме од кога. Сѐ е јасно“.

Во мандатите на претходните двајца еврокомесари за проширување немаше прием на нови членки, а не е уверен ниту во ветувањата на новата еврокомесарка Марта Кос дека ЕУ за првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство.

„Не го гледам тоа. Не го гледам затоа што нема такви чекори. Нашата надеж е фер однос, а ако ова навистина е последно како што ни се вели, дај да направиме да е последно“, рече Николоски околу предлогот на владата за уставни измени со одложено дејство.