За акцијата во Грчец се собирале докази цела година


Цела година траела истрагата за криминалот со дрога пред да се спроведе акцијата во Грчец во која се уапсени 21 лице, а по други се трага. Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, соопшти дека од понеделник ќе почне и финансиска истрага.

„Имаме докази за недозволена трговија со дрога и други прекурсори, не сакавме пред акцијата да спроведеме финансиска истрага за да не ни ја пробијат целата акција, но од понеделник ќе почне и финансиска истрага“, изјави Русковска.

Според неа, при ова собирање докзаци имало и ПИ-мерки, слушање комуникации и следење. „Приведени се 21 лице, тие се наоѓаат во повеќе полициски станици, а како што сум информирана, по одредени лица сѐ уште се трага“, изјави Русковска и најави повеќе детали на прес-конференцијата која треба да се одржи утре.

Засега нема осомничени полицајци што соработувале или биле дел од групата, но Русковска не ја исклучува таа можност откако ќе се извршат вештачења на телефони.