Вучиќ: Земјите од Отворен Балкан ќе привлекуваат над 80 отсто од инвестициите во Западен Балкан


 
Иницијативата Отворен Балкан ќе им овозможи на трите земји кои во неа
учествуваат да привлекуваат над 80 отсто од странските инвестиции во Западен Балкан, рече на прес конференција српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој рече дека во изминатите три години Србија привлекла околу 60 отсто од странските инвестиции во регионот, и смета дека иницијативата Отворен Балкан ќе придонесе трите земји да бидат уште попривлечни за странските инвеститори.
Зборувајќи за отвореноста на иницијативата и за другите земји од Западен Балкан премиерите Зоран Заев и Еди Рама и претседателот Вучиќ рекоа дека се отворени за сите што сакаат да се приклучат.
“Ветеран сум во политиката но појма немам зошто не се приклучуваат другите земји”, рече Вучиќ додавајќи дека отворањето на границите не може да се направи за еден ден и дека целата постапка и процедурите за тоа се многу комплицирани.