Вучиќ зема германски лекции

Српскиот претседател ја читал германската историја за да види како современа Германија се справила со губење на голем дел од својата територија

 

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја чита германската историја во последно време – и се чини дека извлече некои лекции.

За време на неодамнешното интервју за „Политико“ во Брисел, Вучиќ разговараше за тоа како современата Германија се помирила со губењето на територијата што ја сметала за своја, и наместо тоа се фокусирала на нејзиниот економски пораст и промовирање на нејзината култура и вредности.

Дали е тоа урнек за Србија, која имаше централна улога во балканските војни од 90-тите години и се соочува со можноста да признае дека Косово не е повеќе нејзина покраина како цена на членството во ЕУ?

Вучиќ не би одел толку далеку. Но, тој рече: „Би сакал ние да бидеме доволно паметни и да знаеме дека не е секогаш територијалното прашање она што е најважно. Важно е, без сомнение. Но, не може да биде поважно… од вредностите, од јазикот и културата“.

Вучиќ двапати се нарекуваше себеси како „мал човек од Балканот“ – необичен опис не само затоа што тој е висок околу 2 метри. Во изминатата деценија, тој беше доминантна политичка фигура во Србија, најголема и најнаселена од шесте држави на Западен Балкан, која бара членство во ЕУ. Неговата партија доби 60 проценти од гласовите на парламентарните избори во Србија минатиот месец.

За критичарите во и надвор од Србија, Вучиќ е премногу доминантен. Научниците, активистите за права, западните дипломати и опозициските политичари велат дека тој претседаваше со сериозно назадување на демократијата, слободата и владеењето на правото.

„Фридом хаус“, американската невладина организација финансирана од владата на САД, ја оценува Србија како „делумно слободна“. ОБСЕ изјави дека додека кандидатите на изборите во минатиот месец беа во можност да водат кампања „и се почитуваа основните слободи, изборот на гласачите беше ограничен со огромната предност на владејачката партија и промовирањето на владините политики од страна на повеќето главни медиуми“.

Вушиќ ги отфрли ваквите проценки како „бирократски извештаи“. Тој го опиша гласањето како „најфер избори што сме биле досега“.

„Не велам дека тоа е идеална ситуација“, рече тој за резултатите од изборите. Но, тој рече дека неговиот успех е резултат на здраво управување со економијата, големи инфраструктурни проекти и слабост на неговите политички противници.

Вучиќ зборуваше со суперлативи за „Белград на вода“ (контроверзен проект), нови автопати и робусниот економски раст на земјата. Според националната канцеларија за статистика, српската економија порасна во првиот квартал за 5 проценти – „далеку најдобра во Европа“, рече Вучиќ, додавајќи дека земјата се надева дека ќе избегне рецесија оваа година и покрај корона кризата.

Вучиќ беше во Брисел за да се сретне со високи претставници на ЕУ во петокот минатата недела, еден ден пред тој да одржи разговори во Белата куќа со лидерите од Косово – сè додека вестите за обвинението за воени злосторства против косовскиот претседател Хашим Тачи не го изместија тој план.

Во Брисел, разговорите во Белата куќа не се гледаа со голем ентузијазам. Дипломатите на ЕУ се пожалија дека специјалниот претставник на САД, Ричард Гренел, ги исклучил од овој процес. Гренел инсистираше на тоа дека ги информирал високите француски и германски власти за неговата иницијатива, за која рече дека се фокусира на економската соработка. Но, има малку знаци на координација со неговиот колега од ЕУ, Мирослав Лајчак.

Некои официјални претставници на ЕУ, исто така, се плашеа дека американската администрација може да претседава со договор за промена на границите на Косово и Србија – иако Гренел рече дека тој не сака таква размена на територии.

Вучиќ не ја затвори вратата за идните состаноци во Вашингтон: „Секогаш кога ќе ме поканат, како може еден човек од Балканот да одбие да зборува со некој од Белата куќа?“ Но, тој исто така рече дека разговорите спонзорирани од ЕУ треба да продолжат и покрај обвиненијата поднесени против Тачи и очекува тие да се случат во Брисел во наредните недели.

Околу границите, Вучиќ рече: „Подготвен сум да разговарам за секое прашање, подготвен да разговарам за сите предлози што може да дојдат од секој.“ Но, тој исто така истакна дека тоа не може да биде случај во кој „ние ќе изгубиме сè а тие добијат сè“.

За Србија, косовското прашање е неразделно поврзано со нејзината кандидатура за членство во ЕУ. Блокот јасно стави до знаење дека ниту Србија ниту Косово ќе можат да се приклучат сè додека не постигнат постојан мировен договор.

Вушиќ (50) ја започна својата политичка кариера во Србија како ултранационалист. Тој беше министер за информации под Слободан Милошевиќ, поранешниот српски и југословенски претседател.

Деновиве, Вучиќ понекогаш е споредуван Јосип Броз Тито, повеќе отколку со Милошевиќ.

Но, тој одби да каже дали има политички модел. „Не можам да споредувам различни времиња“, рече тој, додавајќи дека е лесно денес да се критикуваат Тито, Милошевиќ и другите. „Утре, ќе биде лесно да бидам критикуван“, рече Вучиќ. (Политико)