Вучиќ се жали, притисокот на странските служби бил неиздржлив


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека „никогаш немало поголем внатрешен притисок од различни странски служби“, наведувајќи дека никогаш досега не почувствувал таков притисок, бидејќи „сите играчи на различни служби, и западни и источни, се под притисок да ги постигнат резултатите што ги бараат странските служби од нив“.

„За мене станува речиси невозможно секојдневно да го издржам тој притисок, од моите колеги и пријатели од двете страни, кои сакаат да го свртат патот на Србија некаде на друго место, или како што тие сметаат – во вистинската насока. А, таа вистинска насока е или тука или таму, а не она што го зацртавме со поддршка од народот, а тоа е српската насока и нашата политика на еднаква дистанца кон сите“, рече Вучиќ на годишнината на Безбедносно информативната агенција (БИА).

Тој побара од нејзините членови „единство“, додавајќи дека тие „знаат во секој момент  дека само патот на Србија е добар пат“ за земјата.

„Она што го зацртавме, а тоа е нашата независност, слободарска политика, е она што треба да донесе напредок на нашата земја, а не на другите“, рече Вучиќ.