Вучиќ: Неразумна е одлуката на ЕУ за ковид пасоши само со вакцини признати од ЕМА


Фото: Б. Грданоски

Откако Европската унија денеска најави дека ќе расправа за идејата ковид пасошите да важат само за оние кои примиле вакцина одобрена од Европската агенција за лекови, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе се вакцинира со кинеската вакцина.

„Ваквата одлука е неразумна, ама ако ја донесат тоа ќе биде одлично за нас. Како ќе му забранат патување на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој се вакцинираше со кинеската вакцина. Еве и мене сега ме поттикнаа што побрзо да ја примам кинеската вакцина и ако после тоа не ме примат во Брисел нема ништо од дијалогот со Приштина“, изјави Вучиќ кој е на пат во Бахреин.

Доколку ЕУ не ја повлече оваа одлука Вучиќ најави дека во Србија ќе се отвори лабораторија на ПЦР тестови, со што граѓаните кои се вакцинирани со кинеската или руската вакцина, за 90 минути ќе добиваат резултати за да можат да патуваат во европските земји.

Еврокомесарот за правда Дидје Рајндерс денеска кажа дека земјите-членки се слободни да ги имунизираат своите граѓани со која било вакцина, но сертификат за слободно патување ќе добијат само оние кои примиле вакцина одобрена од ЕМА, што моментално се „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ и „АстраЗенека“, а во процедура за одобрување е и „Џонсон и Џонсон“.