Вучиќ не отиде на самитот на БРИКС


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека нема да оди на самитот на групата БРИКС во Русија и дека му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе донел таква одлука и да немал закажани средби со европските лидери во текот на средбата, бидејќи тоа би се протолкувало како отстапување од европскиот пат.

На прашањето дали ќе оди на самитот на групата БРИКС во Казан, Русија, кој ќе трае од 22 до 24 октомври, Вучиќ изјави за Српската радио-телевизија (РТС) дека полскиот премиер Доналд Туск доаѓа во Белград во среда, на 23 октомври, но дека немаше да оди на таа средба и да ја немаше таа, како што рече, претходно договорена посета.

Вучиќ додаде дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис доаѓа во Белград со Туск, а потоа „во четврток или петок“ и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Тој изјави дека утре во Словачка ќе се сретне со премиерите на Унгарија и Словачка, Виктор Орбан и Роберт Фиц.

„Бев многу искрен со претседателот Путин во телефонскиот разговор во неделата, не го криевтоа  и му реков: Почитуван господине претседателе, дури и да не беа овие посети, ќе ми беше исклучително тешко да дојдам поради разни работи што многу добро ги знаете и верувам дека ја разбирате Србија, која  е единствената земја во Европа што не се приклучи на ниту една од 44-те декларации против Русија оваа година“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Путин „високо го цени“ тоа и дека Србија на самитот во Казан ќе ја претставува висока четиричлена делегација, која ќе ја сочинуваат вицепремиерот Александар Вулин и министрите Братислав Гашиќ, Адријана Месаровиќ и Ненад Поповиќ.

„Србија одамна донесе одлуки за европскиот пат, тој пат се одвива од 2000 година, ние сме одговорни за почетокот на преговорите (со ЕУ), но исто така трае долго време. На луѓето им е  преку глава од разговори за почитување на територијалниот интегритет на Украина, а не е почитуван територијален интегритет на Србија (за прашањето за Косово и Метохија)“, рече Вучиќ.

Тој исто така рече дека, според најновите истражувања, 42 отсто од граѓаните во Србија се за интеграција во ЕУ, а 42 отсто се за групата БРИКС, која ја сочинуваат Русија, Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка, Иран , Египет, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати.

„Сега е 42 спрема 42, иако луѓето во Србија навистина не знаат што значи БРИКС. Слушнаа дека има некои други земји во светот кои помалку не уценуваат, но не знаат дека нема вистински механизми како  во ЕУ. Можеби еден ден ќе бидат такви, не ја исклучувам таквата можност“, изјави Вучиќ.

Тој рече дека ставот на граѓаните ќе се смени во корист на БРИКС доколку тој го смени начинот на кој досега се изјаснуваше, односно ако престане да се залага за влез на Србија во ЕУ.

„Иако ова никому нема да му се допадне, таа дискусија (ЕУ или БРИКС) ќе биде многу сериозна во оваа земја во следните година и пол или две, ако БРИКС успее да ги пополни своите механизми со содржина. Но, тоа секако ќе биде пониско ниво на единство отколку во ЕУ. Не исклучувам дека тоа ќе биде една од клучните теми на претседателските избори во 2027 година, на кои нема да учествувам, а можеби ќе биде и референдумска тема“, рече Вучиќ.