Вучиќ го осуди убиството на полицаецот, а бунтот на Србите дошол поради „теророт на Курти“

Жозеп Борел поединечно разговарал со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ


 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва изјави дека убиството на полицаец во Косово е апсолутно за осуда и дека такво нешто нема оправдување.

За време на вонредното обраќање во врска со последните настани во Косово, тој рече дека се случило она за што долго време предупредувал, а тоа е дека Србите се побуниле „не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“ и дека тоа е само прашање на време.

„Не сакам да го оправдам убиството на полицаец Албанец, ниту пак е можно да го оправдам. Тоа е апсолутно за осуда“, нагласи претседателот на Србија.

Според информациите со кои располагаме, загинале тројца Срби од Косово, двајца од снајперски оган од голема далечина, двајца се тешко ранети и се стравува дека ќе почине и четвртиот, бидејќи не сакале да му помогнат, рече Вучиќ.

Тој наведе и дека следеле и пресретнале што прави албанската полиција и ги покажа доказите.

„Еден човек, прашање е дали ќе преживее и дали преживеа, бидејќи не сакаа да му помогнат“, рече Вучиќ.

„Ноќеска во 2 часот и 46 минути вечерва група Срби од Косово и Метохија поставија два камиони како барикади во Бањска на северот на Косово, потоа дојде косовската полиција и се обиде да ги отстрани тие барикади и дојде до конфликт, и во него е убиен полицаецот А.Б. а уште едно лице е рането“, изјави Вучиќ.

Вучиќ рече дека не се Србите од централна Србија, туку Србите од Косово кои се побуниле не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти.

Тој посочи дека единствениот виновник за се што се случува во Косово е Албин Курти, „иако има помош и од оние од меѓународната заедница“.

„Албин Курти е единствениот кој сака конфликти и војна, неговата животна желба е да нѐ вовлече во конфликти со НАТО“, нагласи Вучиќ.

Тој изјави дека во манастирот Бањска дошла вооружена група Срби бидејќи имала двајца повредени млади момчиња и сакале да им помогнат и посочи дека црквата на никаков начин не била вклучена во инцидентот.

„Цел ден имавме седница на Советот за национална безбедност, внимателно ќе ги носиме одлуките, детално ќе ги подготвиме и тие одлуки ќе им ги презентираме на нашиот народ во деновите што следат. Ја повикуваме меѓународната заедница да формира ЗСО, а Србите да бидат полицајци на север, бидејќи само така ќе ги спречиме Србите да бидат протерани и ќе бидат спречени конфликти“, рече тој.

Вучиќ додаде дека „спин-револуцијата“ започнала веќе утрово и рече дека постојат озлогласени лаги дека се убиени Радомир Почуча и Павле Бихали, дека во инцидентот учествувала групата „Образ“ од Србија и рускиот „Вагнер“, како и дека вооружени луѓе ги држеле како заложници верниците и монасите од манастирот Бањска.

Тој нагласи дека војската и полицијата од Србија немаат никаква врска со инцидентот.

Во меѓувреме црковните власти објавија дека вооружените напаѓачи го напуштиле манастирот во Бањска.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел по денешните инциденти во Бањска телефонски разговарал со косовскиот премиер Албин Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во разговорот со Курти и по, како што наведуваат од Европската унија, „страшниот и кукавички терористички напад“ врз полицајците на косовската полиција, Борел уште еднаш повторил дека најостро ги осудува. Тој изрази сочувство и до семејството на убиениот полицаец.

Потоа европскиот функционер го повика и Вучиќ.

„Високиот претставник Борел го повтори својот повик до напаѓачите веднаш да се предадат и да дозволат аџиите од манастирот Бањска безбедно да си заминат“, соопштија од Европската унија.